Руски дронови погодија згради и бензински пумпи во Киев, едно лице загина

Градоначалникот Кличко потврди седум повредени и пожари на повеќе цивилни локации по неколкучасовниот ноќен напад врз главниот град.

Едно лице загина, а најмалку седум се повредени откако руски беспилотни летала ноќеска погодија станбени згради, деловен центар, магацини и бензински пумпи во Киев. Нападот предизвика серија пожари низ неколку градски четврти, додека спасувачките екипи со часови интервенираа на терен. Градските власти соопштија дека меѓу погодените објекти има и железничка инфраструктура, при што е повреден и еден железнички работник.

Главниот удар на беспилотните летала предизвика штети во Голосиевскиот и Соломијанскиот реон на украинскиот главен град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека еден руски дрон директно се урнал во четирикатен деловен центар во Голосиевскиот реон, каде што биле зафатени и магацински простории и бензинска пумпа.

Во Соломијанскиот реон, остатоци од соборени летала оштетија деветкатна станбена зграда. Делови од дронови паднаа и во меѓупросторот меѓу станбени комплекси, по што избувна голем пожар на паркингот и објектите на локална транспортна компанија. Три од повредените лица веднаш се пренесени во болница, додека на останатите им е укажана медицинска помош на самото место.

Оштетувања претрпе и виталната инфраструктура на украинската железница. Претседателот на управниот одбор на „Укрзализниција“, Олександр Перцовски, потврди дека железничките постројки во градот биле мета на удар при што е повреден еден вработен. Централната железничка станица во Киев остана неоштетена и сообраќајот се одвива според редовниот распоред.

Нападот се случи во истиот ден кога украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека разузнавачките податоци укажуваат на подготовка на нов масовен руски воздушен бран. Градските власти во Киев веќе подолго време алармираат за сериозен недостиг на муниција и системи за противвоздушна одбрана соодветни за соборување на новите типови млазни беспилотни летала. Поради логистичките и финансиските ограничувања, градот нема капацитет да изгради засолништа кај сите цивилни објекти и бензински пумпи, што ги прави овие локации постојана цел при продолжените воздушни напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс