Нови пожари избувнаа во зоната на Чернобил откако украинската противвоздушна одбрана собори руски беспилотни летала, соопштија украинските власти, предупредувајќи дека нападите повторно претставуваат сериозна закана за чувствителниот екосистем во радиоактивната област.
Според украинската агенција УНИАН, пожарите избувнале во радијацискиот и еколошки биосферен резерват во Чернобил, само еден ден по гаснењето на големиот пожар што со денови беснееше во забранетата зона. Државната агенција за управување со зоната на исклучување соопшти дека на 14 мај соборените руски дронови „Геран-2“ предизвикале нови жаришта во истражувачкиот сектор „Опачицки“.
Во акцијата за гаснење биле вклучени екипи од Чернобилскиот резерват, украинската служба за вонредни состојби, како и државните претпријатија задолжени за управување со радиоактивен отпад и заштита на зоната.
„Ситуацијата е дополнително отежната поради густиот чад, паднатите дрвја и тешкиот терен. На терен се распоредени булдожери, тешка механизација и екипи со моторни пили за пристап до погодените подрачја“, соопштија украинските власти.
На местата каде што паднале дроновите биле пронајдени остатоци од леталата, додека пиротехнички тимови продолжуваат со проверки на теренот. И покрај новите пожари, украинските власти тврдат дека радијациската состојба во зоната засега останува стабилна. Автоматизираниот систем за мониторинг не регистрирал зголемување на нивото на гама-зрачење над дозволените граници.
„Руските напади повторно создаваат ризик за уникатниот екосистем на Чернобил. Секој нов пожар претставува опасност за шумите, дивиот свет и подрачјата на кои им беа потребни децении за закрепнување по катастрофата во 1986 година“, предупредуваат експертите.
Голем шумски пожар во зоната на Чернобил избувна и на 7 мај, кога огнот, поттикнат од силен ветер и суво време, зафати повеќе од 1.100 хектари шума. Украинските власти тогаш соопштија дека пожарот бил предизвикан од пад на руски дрон во истиот сектор на резерватот.