Руска воена фрегата истрела две сигнални ракети директно кон дански воен хеликоптер во меѓународен воздушен простор над Балтичкото Море. Инцидентот се случил јужно од градот Гедсер додека екипажот извршувал рутинско набљудување. Данската команда за одбрана потврди дека нема повредени и нема оштетувања на леталото, но властите го оценија потегот како небезбедна ескалација и веднаш најавија дипломатска реакција кон Москва.
Хеликоптерот на данското кралско воздухопловство од типот „AS-550 Fennec“ бил испратен на редовна задача за воздушно извидување и фотографирање на руски воен брод. Додека данското летало оперирало во меѓународен простор, екипажот на фрегатата испратил два пиротехнички проектири право кон него.
Според официјалните воени извештаи, една од ракетите поминала многу блиску до роторот и трупот на хеликоптерот. Пилотите успеале безбедно да ја завршат мисијата без механички оштетувања на леталото.
Данските претставници порачаа дека ваквото однесување претставува преседан и свесно влегување во ризик од страна на руската морнарица.
„Ова е сериозен инцидент и Данска го сфаќа крајно сериозно. Колку што знам, ова е првпат да се соочиме со ваков инцидент. Тоа јасно покажува дека Русите се подготвени да преземаат сè поголеми ризици. Токму затоа го повикуваме рускиот амбасадор“, изјави претставникот Јепе Брус.
Овој воен инцидент доаѓа непосредно по предупредувањата на данските разузнавачки служби за засилени хибридни дејства во регионот. Безбедносните власти неодамна соопштија дека откриле конкретни руски планови за саботажи насочени кон погони на данската воена индустрија. Балтичкото Море со месеци е поприште на чести блиски средби меѓу силите на НАТО и руската армија, но директното испалување пиротехника кон сојузнички летала претставува нова тактичка фаза на притисок.