Во последните недели Полска, Романија и Молдавија се соочуваат со сè почести инциденти поврзани со руските напади врз Украина, од прелети и падови на дронови до нарушувања на воздушниот простор и сомнителни пожари. Дел од владите овие случувања ги поврзуваат со руските операции, но кај некои случаи истрагите сè уште немаат утврдено кој стои зад нив.
Во текот на руските напади врз Украина, жителите на пограничните подрачја на соседните земји сè почесто слушаат воздушни сирени, а во некои случаи аеродроми и гранични премини привремено го прекинуваат работењето. На 24 септември, руските напади врз западна Украина беа проследени со повеќе инциденти во воздушниот простор на Молдавија и Романија.
Четири прелети на дронови над Молдавија
На 24 септември Молдавија регистрирала четири прелети на дронови. Два од нив експлодирале на молдавска територија, додека биле пронајдени и остатоци од трет дрон. Воздушниот простор над северниот дел на земјата привремено бил затворен.
Во Романија, пак, два дрона го нарушиле воздушниот простор, а еден паднал и експлодирал во близина на Солка, околу 30 километри западно од Сучава. Поради инцидентот бил затворен блискиот граничен премин кон Украина.
Романското Министерство за национална одбрана соопштило дека неидентификувано летало влегло во романскиот воздушен простор и се задржало околу четири минути. Анализата на снимките и остатоците укажува дека станувало збор за руски дрон од типот „Гербера“.
Во истиот период, поради руските напади во близина на границите, НАТО активирало борбени авиони и во Романија и во Полска.
Пожар на станица Старлинк во Полска
Во Полска, дополнителна загриженост предизвика пожарот во копнената станица Старлинк во близина на селото Вола Кробовска, околу 40 километри јужно од Варшава, кој избувнал на 23 септември.
Полскиот вицепремиер и министер за дигитализација Кшиштоф Гавковски изјави дека пожарот бил саботажа со цел да се нарушат интернет-комуникациите, вклучително и оние што ги користи украинската армија. Сепак, полските власти во тој момент немале конечен доказ кој го предизвикал пожарот.
Полскиот премиер Доналд Туск претходно повика на претпазливост при квалификувањето на случајот, додека полските власти продолжуваат со истрагата.
Истиот период полската војска соопшти дека руски воен хеликоптер Ми-8 од областа Калининград го нарушил полскиот воздушен простор. Според полската оперативна команда, леталото навлегло околу 300 метри во полскиот воздушен простор и таму се задржало 42 секунди.
Туск: Русија сака да ја исцрпи и Европа
Полскиот премиер Доналд Туск по последните инциденти предупреди дека Русија ги усовршува формите на притисок врз европските земји. Туск оцени дека Москва сака да ја исцрпи Украина преку уништување на нејзината индустриска и енергетска инфраструктура, но и да ја исцрпи Европа.
Полските власти последните инциденти ги разгледуваат во поширок контекст на можни руски хибридни операции, кои вклучуваат саботажи, сајбер-напади и нарушувања на критичната инфраструктура.
Молдавија бара начин за зајакнување на воздушната одбрана
Претседателката на Молдавија Маја Санду по инцидентите изјави дека рускиот напад врз Украина повторно има директни последици и за нејзината земја. Претседателот на молдавскиот парламент Игор Гросу потврди дека Молдавија, Романија и Украина разговараат за можности за зајакнување на капацитетите за заштита на молдавскиот воздушен простор.
Молдавија располага со системи за надзор на воздушниот простор, но има ограничени можности за соборување дронови.
Европа се подготвува за нов бран хибридни операции
Загриженоста не е ограничена само на источниот дел од Европа.
Данската одбранбена разузнавачка служба предупреди дека Русија би можела во наредните месеци да го интензивира хибридното војување против Западот, вклучително преку сајбер-напади и саботажи. Истовремено, проценката наведува дека Русија веројатно нема да започне ограничен конвенционален воен напад врз една или повеќе земји од НАТО што граничат со Русија.
Во меѓувреме се појавија и информации за можни идни напади со дронови во Италија, Франција и Шпанија, наводно со користење бродови од руската таканаречена „флота во сенка“. За овие наводи засега нема официјална потврда, а францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека француските служби не добиле предупредување од ЦИА за конкретен руски напад со дронови.
Сепак, серијата инциденти во Полска, Романија и Молдавија веќе ја промени безбедносната слика долж источниот раб на Европската Унија и НАТО. Дроновите и саботажите повеќе не се разгледуваат само како одделни инциденти, туку како дел од пошироката дебата за руските хибридни операции во Европа.