Русија со жесток ноќен напад врз Украина: Најмалку седум загинати и 76 повредени

Во руските ноќни напади врз Украина загинаа најмалку седум лица, а 76 се повредени. Погодени се Павлоград, Киев, Днипро и други делови од земјата.

Најмалку седум лица загинаа, а 76 се повредени во серија руски напади врз Украина во текот на ноќта, соопштија украинските власти. Еден од најтешко погодените градови е Павлоград во Дњепропетровската област, каде што според регионалниот гувернер Олександар Хања биле погодени пет градски реони.

Павлоград се наоѓа на околу 60 километри источно од Днипро и претставува значаен транспортен и логистички центар. Пред почетокот на војната, градот имал околу 120.000 жители. Според Хања, во нападите во Павлоград биле повредени 76 лица, меѓу кои и неколку деца.

Погодени Киев и Днипро

Руските сили извршиле напади и врз други делови од Украина. Во Киев била погодена бензинска пумпа, при што биле повредени четири лица, соопшти градоначалникот на украинската престолнина.

Во Днипро била погодена фабрика за сончогледово масло на компанијата „Бунге“. Во нападот загинале две лица, пренесува „Ројтерс“. Напади биле регистрирани и во други делови од земјата. Во меѓувреме, Русија соопшти дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз пограничната Белгородска област.

Новата размена на воздушни напади доаѓа во период на интензивирање на руските и украинските удари, при што цивилните области и инфраструктурата повторно се меѓу погодените локации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс