Русија потврди дека со „Орешник“ гаѓала цели во Киев: „Тоа беше одговор на терористички напади“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ракетата била употребена како дел од масовниот напад врз Украина, а информацијата ја пренесе агенцијата „Интерфакс“.

Русија потврди дека третпат ја употребила својата нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ во напад врз Украина, наведувајќи дека станува збор за одговор на, како што тврди Москва, украински „терористички напади“ врз руски цивилни цели.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ракетата била употребена како дел од масовниот напад врз Украина, а информацијата ја пренесе агенцијата „Интерфакс“. Украинските власти претходно објавија дека проектилот погодил цели во градот Била Церква во Киевската област.

Ракетата „Орешник“, чие име на руски значи „леска“, Русија веќе ја распореди и во Белорусија. Според достапните информации, таа може да носи и конвенционални и нуклеарни боеви глави. Со брзина до 12.000 километри на час и дострел до 5.000 километри, ова оружје претставува потенцијална закана за голем дел од Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени нападот со „Орешник“ како „крајно неодговорен“ и порача дека Русија не смее да остане без последици поради употребата на такво оружје. Тој не соопшти детали за конкретната штета во Била Церква. Според Зеленски, ова е трета употреба на „Орешник“ од почетокот на војната. Првиот пат ракетата била употребена без боеви глави во Днипро во ноември 2024 година, а вториот пат во јануари годинава во западна Украина.

Украинскиот лидер уште претходната вечер, повикувајќи се на информации од западни разузнавачки служби, предупреди дека е можен нов напад со ова оружје.

Во текот на ноќта и рано утринава Киев и околината беа погодени од серија експлозии. Според украинските власти, загинале најмалку четири лица, а повеќе од 60 се повредени. Москва, според украински извори, во нападот лансирала околу 90 ракети и приближно 600 дронови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс