уските граѓани во август повлекле рекордни суми од банкарскиот систем, покажуваат податоците на Руската централна банка. Трендот се засилува во услови на украински напади со дронови, економски притисоци и зголемена недоверба во финансискиот систем.
Во првите две недели од август од руските банки биле повлечени околу 3,4 милијарди долари, по 7,3 милијарди долари во јули и повеќе од 4,5 милијарди долари во јуни. Вкупното повлекување од почетокот на годината веќе надминало 24,7 милијарди долари.
Експерти предупредуваат дека забрзаното повлекување готовина создава проблеми со ликвидноста во дел од банките. Дополнителен притисок претставуваат зголемениот број проблематични кредити и високото задолжување поврзано со финансирањето на воената индустрија.
Поранешната советничка на Руската централна банка, Александра Прокопенко, смета дека повлекувањата се одраз на растечкиот страв кај населението. Таа предупредува дека, иако национализација на депозитите е малку веројатна, не може целосно да се исклучи можноста за ограничувања при подигнувањето пари.
Проблемите се чувствуваат и на пазарот на државни обврзници. Поради недостигот на ликвидни средства, дел од банките имаат помал капацитет да ги купуваат државните обврзници со кои Москва го финансира растечкиот буџетски дефицит и воените трошоци.
Во исто време, во вториот квартал од 2026 година од Русија биле префрлени повеќе од 9,4 милијарди долари. Експертите оценуваат дека продолжувањето на овој тренд може дополнително да го оптовари рускиот финансиски систем.