Американскиот државен секретар Marco Rubio најави нов пакет санкции против кубански државни и воено-индустриски компании, со што администрацијата на американскиот претседател Donald Trump дополнително го засилува притисокот врз Хавана.
Новите мерки се насочени кон компанијата GAESA – голем воен конгломерат за кој американските власти тврдат дека контролира значителен дел од кубанската економија – како и кон нејзината извршна директорка Анија Гиљермина Ластрес Морера.
Под санкции се најде и компанијата Moa Nickel SA, заеднички проект на канадската компанија Sherritt International и кубанската државна фирма за никел, која се занимава со ископување никел и кобалт.
Според Вашингтон, санкциите се дел од поширока стратегија за ограничување на приходите на кубанските власти и притисок за политички и економски реформи.
„Денешните санкции покажуваат дека администрацијата на претседателот Трамп нема да стои настрана додека комунистичкиот режим на Куба ја загрозува нашата национална безбедност“, напиша Рубио на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека САД ќе продолжат со мерки против Куба сè додека властите во Хавана не спроведат, како што рече, „неопходни политички и економски реформи“.
Администрацијата на Трамп во изминатиот период веќе воведе дополнителни ограничувања за патувања и парични дознаки кон Куба, а Вашингтон врши притисок и врз сојузничките земји да ја ограничат соработката со кубанските медицински мисии во странство.
Од друга страна, кубанските власти ги отфрлаат американските обвинувања и тврдат дека долгогодишните санкции се главната причина за економските проблеми на островот. Од Хавана порачаа дека нивниот социјалистички систем „не е предмет на преговори“ и ја обвинија американската администрација дека со децении се обидува да изврши политички и економски притисок врз земјата.