Родителите на Медлин Мекен за новиот документарец: „Не гледаме како ова ќе помогне“

Гери и Кејт Мекен изразија разочарување од новата документарно-драмска серија за исчезнувањето на нивната ќерка Медлин, емитувана на британскиот Канал 5.

Родителите на Медлин Мекен, Гери и Кејт Мекен, реагираа по емитувањето на нова документарно-драмска серија за исчезнувањето на нивната ќерка, оценувајќи дека ваквите програми имаат негативно влијание врз нивното семејство.

Медлин Мекен исчезна во 2007 година, кога имаше три години, од хотелски апартман во Праја да Луж во Португалија. Случајот стана еден од најпознатите случаи на исчезнати лица во светот и речиси две децении подоцна сè уште предизвикува големо внимание во јавноста.

Новата серија, насловена „Под сомнение: Кејт Мекен“, беше емитувана на британскиот Канал 5 и се фокусира на начинот на кој португалската полиција ја третирала Кејт Мекен како осомничена во текот на истрагата.

Во соопштението објавено по повод емитувањето, семејството Мекен наведе дека е разочарано од серијата и дека не гледа како ваква продукција би можела да помогне.

„Благодарни сме им на сите што овој месец ни дадоа поддршка и добрина. Мај никогаш не е најлесен месец. Обично во овој период почнуваме да се чувствуваме малку полесно. Сепак, разочарани сме што дознавме дека се емитува документарно-драмска серија на Канал 5“, порачаа тие.

Гери и Кејт Мекен нагласија дека не дале согласност за снимањето на серијата, ниту биле прашани за тоа.

„Не гледаме како ова ќе помогне“, наведоа родителите.

Тие додадоа дека програми од ваков тип секогаш имаат негативно влијание врз нивното семејство, особено во периодот околу годишнината од исчезнувањето на Медлин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс