Родители обвинети за убиство откако нивниот седумгодишен син починал од морбидна дебелина

Седумгодишно момче од американската држава Мичиген, кое во моментот на смртта тежело речиси 116 килограми, починало од срцево заболување поврзано со морбидна дебелина. Обвинителството тврди дека детето со години било занемарувано и ги товари неговите родители за убиство, тортура и злоупотреба на деца.
Damien i Jessica O’Brien Foto: Genesee County Sheriff's Office

Брачен пар од американската држава Мичиген е обвинет за убиство од втор степен, тортура и повеќекратно злоставување на деца по смртта на нивниот седумгодишен син, кој починал од последици на морбидна дебелина. Според обвинителството, момчето во моментот на смртта тежело речиси 116 килограми, а трагедијата била резултат на долгогодишно занемарување. 

Седумгодишниот Каспер О’Брајан починал на 4 ноември 2025 година, откако службите за итна помош добиле повик дека не дише. Обдукцијата покажала дека причината за смртта била дилатативна кардиомиопатија – заболување при кое срцето е зголемено и ослабено – а како значаен фактор била наведена морбидната дебелина. 

Според истражните органи, детето било врзувано за кревет и главно се хранело со чипс и помфрит. Обвинителите наведуваат дека не посетувало училиште и добивало минимална медицинска грижа, иако имало дијагностициран аутизам. Последниот лекарски преглед го имало во февруари 2024 година, кога тежело околу 47 килограми. За помалку од две години неговата тежина се зголемила за речиси 70 килограми. 

Во обвинението се наведува и дека родителите не му овозможиле физичка активност, а поради неговата неподвижност го чистеле со влажни марамчиња наместо да се грижат за неговата лична хигиена на соодветен начин. Истражителите посочуваат дека семејството имало здравствено осигурување, но и покрај тоа детето не добивало потребна медицинска нега. 

Обвинителството смета дека станува збор за еден од првите случаи во САД во кои родители се гонат за убиство поради смрт на дете поврзана со морбидна дебелина. Доколку бидат прогласени за виновни за убиство и тортура, им се заканува доживотна затворска казна. Истрагата утврдила и наводи за злоупотреба на сестрата на починатото момче, која исто така била изложена на занемарување. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс