Државниот здравствен и социјален инспекторат (ДЗСИ) започна вонреден инспекциски надзор во трите болници каде што се лекувала 19-годишната родилка од Велес, која по породувањето остана неподвижна. Инспекторите ќе ја чешлаат целата медицинска документација во велешката болница, на Клиниката за гинекологија и акушерство и на Клиниката за неврологија во Скопје за да утврдат дали има пропусти во третманот.
Вонредниот надзор треба да даде одговор како здрава и млада родилка по породувањето развила тешки компликации кои довеле до парализа на долните екстремитети. Инспекцијата ќе провери дали се почитувани сите медицински протоколи од моментот на нејзиното прием во болницата во Велес, преку транспортот, па сè до третманот на скопските клиники.
Случајот предизвика силна реакција во јавноста откако семејството на родилката алармираше за нејзината здравствена состојба. Според нивните информации, девојката отишла да се породи без претходни компликации, а по интервенцијата го изгубила чувството во нозете.
Од Министерството за здравство наведуваат дека по завршувањето на надзорот и добивањето на извештајот од инспекторите, јавноста ќе биде детално информирана за сите констатирани состојби и евентуални одговорности.