Роберто Мартинез повеќе не е селектор на фудбалската репрезентација на Португалија. По елиминацијата од Шпанија во осминафиналето на Светското првенство, неговиот договор истекува и нема да биде продолжен.
Според португалскиот спортски весник A Bola, претседателот на Португалската фудбалска федерација, Педро Проенса, веќе го избрал неговиот наследник, искусниот Жорже Жезуш.
На прес-конференција, Роберто Мартинез потврди дека го напушта кормилото на португалската репрезентација, која ја водеше од јануари 2023 година, кога го наследи Фернандо Сантош по Светското првенство во Катар.
„Ова е крај на еден циклус. Сега е важно репрезентацијата да добие нов селектор и сосема е легитимно претседателот да го избере човекот во кој има доверба. Им благодарам на сите за поддршката што ја добив“, изјави Мартинез.
Жорже Жезуш ќе ја води Португалија до ЕП 2028 и СП 2030
Според информациите на „A Bola“, 71-годишниот Жорже Жезуш ќе ја преземе репрезентацијата во циклусот за Европското првенство 2028 и Светското првенство 2030.
Португалија ќе биде еден од домаќините на Мундијалот во 2030 година, заедно со Шпанија и Мароко. Жорже Жезуш во моментов е без ангажман, откако на крајот од минатата сезона се раздели со Ал Наср.
Се очекува по враќањето на репрезентацијата во Португалија да се сретне со Педро Проенса за да ги договори последните детали од договорот, по што и официјално ќе започне неговата ера како нов селектор на португалската репрезентација.