Ристо Вртев, фронтменот на „Архангел“, во интервју за Трн зборува за „оловните дни“ што ги живее Македонија денес, за чувството на неправда што тлее кај луѓето и за прашањето што, според него, стои над сите други: дали ќе опстанеме како независна држава.
Во разговорот, Вртев ја споредува атмосферата од деведесеттите со денешната Македонија. Вели дека распадот на еден систем тогаш отворил простор за лична иницијатива, особено во музиката и културата. Но денес, според него, тој простор повторно е стеснет, само на поинаков начин. Контролата, вели, не е секогаш видлива, но е присутна во речиси сите делови од општеството, а сè што не е во агендата на моќните лесно се турка на маргина.
Најсилниот дел од интервјуто е неговата дијагноза за државата. Вртев вели дека кај луѓето преовладува чувство на неправда, онеправданост и промашен живот. Според него, оние што „се снашле“ во изминатите децении живеат добро, но мнозинството останало надвор од тој круг. Токму тоа чувство, вели тој, ја создава тешката атмосфера во земјата.
Вртев е остар и кон политичките партии, за кои вели дека функционираат како претпријатија што вработуваат, отпуштаат и казнуваат. За него, демократијата не е комплицирана: таа значи поделба на моќта и институции што професионално си ја вршат работата според закон. Но, токму таму, според него, системот најмногу потфрлил.
Во интервјуто тој зборува и за естрадизацијата на политиката. Наместо сериозна јавна дебата, вели Вртев, гледаме „циркус“ што е особено погубен за држава со слаба економија и кревки институции. Интелектуалците, според него, молчат или „одработуваат“, а јавниот простор сè помалку служи за едукација и критичко мислење.
Разговорот доаѓа пред големиот концерт на „Архангел“, закажан за 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје, каде како гости ќе настапат и „Васил Хаџиманов бенд“. По повеќе од две децении пауза, Вртев повторно влезе во студио, а новата песна „Дни оловни“ ја чита како дијагноза на времето и како вовед во концертот.
За него, концертот не е само музички настан, туку обид да се испрати порака дека културата не е мртва. Вртев вели дека сè уште постои публика што препознава вредност, директна и чиста врска меѓу уметникот и луѓето, наспроти игнорирањето од естаблишментот.
Целото интервју со Ристо Вртев може да се погледнат на Трн.мк.