Ритамот е танчер – денс лекција од 1992

Приказната за „Rhythm Is a Dancer“ на Snap!, евроденс хитот од 1992 година што од клубски експеримент прерасна во светска денс химна.

Германската група Snap! во 1992 година, речиси случајно, испорачува трака што од клубски експеримент прераснува во светска химна. Песната “Rhythm Is a Dancer” прво кружи меѓу диџеи, се тестира во клуб и дури потоа, по силната реакција на публиката, добива зелено светло да излезе како официјален сингл.

Централна улога има вокалот Thea Austin, со рефрен кој веќе три децении го знаеме наизуст: „Rhythm is a dancer, it’s a soul’s companion, you can feel it everywhere“. Зад тој рефрен стои продуцентскиот тандем Michael Münzing и Luca Anzilotti, луѓето кои претходно го имаа „The Power“ и веќе знаеја како да спојат рап, хаус и поп чувствителност во клубски формат. Синт‑рифот не се појавува од нигде никаде. Инспириран е од electro наследството на 80‑тите и преработен во хипнотички hook кој веднаш ти влегува под кожа.

Интересно е што дел од стиховите, особено „I’m as serious as cancer when I say rhythm is a dancer“ во 90‑тите беа исмевани и спорни.

Раперот Turbo B воопшто не сакал да го изговори тој стих, сметајќи дека споредбата со канцер е премногу мрачна за денс химна.

Денес токму тој момент е дел од митологијата на песната: пример како евроденс може да биде cheesy, но и изненадувачки сериозен.

Резултатот е трака што се качува на прво место на низа европски топ‑листи и останува како еден од големите симболи на раните 90‑ти.

„Rhythm Is a Dancer“ ни покажува дека понекогаш најважните денс лекции се учат во клуб, а понеделник е совршен ден да се потсетиме дека ритамот навистина може да биде танчер, каде и да сме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс