Меѓународен тим астрономи направи значаен чекор кон решавање на една од поновите вселенски мистерии, откривајќи можно објаснување за необичните радио-сигнали што со години пристигнуваат од длабочините на вселената. Станува збор за таканаречени „долгопериодични радио транзиенти“ – мистериозни сигнали кои се повторуваат во интервали од неколку минути до неколку часа. Некои од нив се забележуваат повеќе од три децении, додека други исчезнуваат по само неколку дена.
Во фокусот сигналот ASKAP J1745
Научниците се концентрирале на сигналот познат како ASKAP J1745, кој првпат бил регистриран од австралискиот радиотелескоп Australian Square Kilometre Array Pathfinder.Со користење на повеќе телескопи и набљудувања во различни делови од електромагнетниот спектар – од радиобранови до рендгенско зрачење истражувачите успеале да соберат досега најдетални податоци за овој феномен.
Долго време една од главните теории беше дека сигналите ги создаваат пулсари, брзо ротирачки остатоци од мртви ѕвезди кои емитуваат моќно зрачење. Но, новата студија покажува дека сигналот најверојатно доаѓа од бинарен систем составен од две ѕвезди.
Едната од нив е бело џуџе исклучително густа ѕвездена остатоцица која останува по смртта на ѕвезда со мала или средна маса. Белото џуџе постепено „краде“ материјал од својата придружна ѕвезда, а токму овој процес создава огромна енергија, топлина и рендгенско зрачење.
„Камен од Розета“ за космичката мистерија
Еден од авторите на истражувањето, астрофизичарот Kovi Rose, го спореди откритието со познатиот Rosetta Stone, кој помогнал во дешифрирањето на египетските хиероглифи. Според него, новите податоци претставуваат клуч што може да помогне во разбирањето на целата класа на овие необични вселенски сигнали.
Истражувачите објаснуваат дека радиоимпулсите најверојатно се создаваат преку интеракција на наелектризирани честички со исклучително силни магнетни полиња. Во овој случај, двете ѕвезди поседуваат магнетни полиња кои се илјадници пати помоќни од оние што се користат во апаратите за магнетна резонанца во медицината.
Мистеријата сè уште не е целосно решена
И покрај важниот напредок, научниците предупредуваат дека сè уште не може со сигурност да се каже дали сите долгопериодични радио транзиенти имаат исто потекло. Можно е сигналот ASKAP J1745 да претставува само еден тип од поширока група слични космички феномени. Сепак, откритието отвора нова насока за истражување и може да помогне во подобро разбирање на досега непознати процеси што се одвиваат во нашата галаксија.