Регионална програма ги поврзува младите од Македонија, БиХ и Србија преку аудиовизуелно раскажување

Млади од Скопје, Сараево и Белград ќе создаваат лични аудиовизуелни дневници за идентитетот и соживотот

Отворени се пријавите за Регионалната младинска програма која од септември до ноември 2026 година ќе ги спои младите од Скопје, Сараево и Белград. Вкупно 18 учесници од Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија ќе добијат простор преку фотографии, звук, видео и текст да изградат личен визуелен дневник за прашањата за идентитетот, припадноста и границите што ги наметнува средината. Програмата ја спроведуваат Атриум од Скопје, Realstage од Сараево и Рефлектор Театар од Белград, со поддршка на Канцеларијата за регионална младинска соработка (RYCO). Пријавувањето трае до 25 август 2026 година.

Процесот опфаќа десет средби на локално ниво во матичните градови, како и онлајн сесии и индивидуално менторство со искусни уметници од регионот. Клучниот момент од програмата е предвиден за периодот од 8 до 12 октомври, кога сите 18 учесници ќе престојуваат во Скопје за интензивна регионална уметничка работа. За сите избрани учесници во целост се покриени сите трошоци за патување, сместување и храна за време на престојот во Македонија.

Организаторите истакнуваат дека за учество не е потребно формално уметничко образование ниту богато портфолио, а аплицирањето е отворено за лица на возраст од 18 до 30 години. Програмата е насочена кон млади кои сакаат да истражуваат различни медиуми — од филм, звук и фотографија, до цртеж, колаж и зин. Особено се охрабруваат да се пријават ЛГБТИ+ лица, млади од етнички малцинства, родово разновидни лица, како и млади уметници без институционална поддршка или лица кои во моментот не се во образование, вработување или обука (NEET).

Создадените визуелни дневници во текот на ноември 2026 година ќе бидат претставени пред јавноста преку изложби и дискусии со локалните заедници во Скопје, Белград и Сараево, а ќе се креира и заедничка дигитална платформа. Покрај тоа, шестмина учесници од групата ќе добијат можност за дополнително менторство за фасилитација и етичко посредување, со цел по завршувањето на програмата да можат самостојно да водат слични младински процеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс