Тимови од Amazon и Google носат AI искуства на деветтата е-commerce конференција

Повеќе од 900 учесници и 30 предавачи на 3 ноември во Скопје ќе отворат дискусии за автоматизација, видеомаркетинг и нови дигитални плаќања.

Над 900 учесници од повеќе од 12 земји ќе се соберат на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје на деветтата Регионална конференција за е-трговија. Годинешното издание се организира под мотото „From Wait to Go: E-comm at AI Speed!“ и на две паралелни сцени носи 30 предавачи, насочени кон практичната примена на вештачката интелигенција во бизнис секторот.

Програмата на конференцијата ќе се одвива паралелно на главната и на работната сцена. Главната сцена опфаќа теми за иднината на дигиталната продажба, регулативите и прекуграничниот раст на компаниите. На неа ќе говорат претставници од меѓународните технолошки гиганти Google DeepMind, Amazon, LinkedIn и Tesla, кои ќе ги претстават своите искуства со развојот на напредни софтверски системи.

Втората, практична сцена ќе понуди конкретни алатки и стратегии директно применливи во секојдневното деловно работење. Фокусот на овие сесии е ставен врз генеративната вештачка интелигенција, автоматизираните софтверски агенти, стратегиите за видеосодржини на YouTube, корисничкото искуство и инфраструктурата за безбедни дигитални плаќања.

Покрај предавањата, овогодишниот настан става акцент врз деловната соработка меѓу регионалните компании за е-трговија, финтек-секторот, платформите, банките и стартапите. Учесниците преку официјалната мобилна апликација ќе можат однапред да побараат контакти и да закажат директни средби, за кои е предвиден посебен простор за состаноци.

Конференцијата обединува 50 партнерски организации. Според податоците од организаторите за претходните осум изданија, настанот бележи просечна оцена од 4,62 од вкупно 5, при што 93 проценти од посетителите изјавиле дека би го препорачале. Деталите за целосната програма и влезниците се достапни на страницата ecommerceconference.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс