Климатските промени го сменија рецептот на познатите житни снегулки

Производителот на Rice Krispies и Coco Pops го смени составот на популарните производи на европскиот пазар поради проблеми со достапноста и квалитетот на житарките. Промената е важна и за луѓето што избегнуваат глутен.

Климатските промени почнуваат да влијаат и врз производите што со децении се дел од секојдневниот појадок. Компанијата Kellogg’s го промени рецептот на своите популарни житни производи Rice Krispies и Coco Pops на европскиот пазар, откако променливите временски услови влијаеле врз достапноста и квалитетот на оризот.

Според „Гардијан“, Rice Krispies сега се произведуваат со оризово брашно наместо со традиционално користениот ориз, додека во Coco Pops се користи комбинација од оризово и пченкарно брашно.

Што се менува за потрошувачите?

Производителот тврди дека новите рецепти се внимателно тестирани за да се задржат препознатливиот вкус, изглед и текстура.

Според компанијата, производите ги задржуваат истите количества растителни влакна, витамин Д и железо и не содржат вештачки бои, ароми и засладувачи.

Но една промена е особено важна: новиот состав вклучува пченичен глутен, кој сега мора јасно да биде наведен како алерген на пакувањето.

Затоа потрошувачите со целијачна болест, алергија на пченица или други ограничувања во исхраната треба внимателно да ја прочитаат декларацијата.

Дали ќе се менуваат и други производи?

Проблемите со снабдувањето со земјоделски суровини не се ограничени само на една компанија.

Сушите, екстремните врнежи и променливите услови за производство можат да влијаат врз квалитетот, достапноста и цената на суровините што ги користи прехранбената индустрија.


Засега промената на рецептот се однесува на европските пазари, но случајот е потсетник дека климатските промени не влијаат само врз земјоделците, туку и врз составот на храната што завршува на трпезите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс