Започна 8. регионална конференција за е-трговија во Скопје

Под мотото „Враќање кон основите“, осмото издание на најголемата е-трговска конференција во регионот ги обединува водечките експерти, претприемачи и иноватори во дигиталната економија.

Во Скопје денес започна Осмата регионална конференција за е-трговија, што традиционално ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Настанот оваа година се одржува под мотото „Back to basics“ (Враќање кон основите) и има за цел да ја нагласи важноста на едукацијата, довербата и иновациите во развојот на дигиталната економија.

Конференцијата обединува повеќе од 600 учесници од 20 земји, меѓу кои претставници на владини институции, компании, банки, стартапи и академски експерти. Фокусот е ставен на тековните предизвици во онлајн трговијата, безбедноста на плаќањата, вештачката интелигенција во маркетингот и иднината на логистиката и дигиталните пазари.

Конференцијата започна со обраќање на претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, која ќе ги претстави клучните трендови и сознанија за развојот на е-трговијата во регионот во 2025 година.

Меѓу говорниците се истакнуваат регионални и европски експерти од Visa, Mastercard, Meta, Google, DHL, MojTrg.mk, Grouper, Brainster и други компании кои ги поставуваат стандардите во електронската трговија.

Во рамките на конференцијата ќе се одржат и тематски панели за АИ иновации, регулатива, дигитална трансформација и одржлив раст на малите и средни бизниси, со цел поттикнување на конкурентноста на локалните економии во дигиталната ера.

Настанот е поддржан од Владата на Република Северна Македонија, Делегацијата на Европската Унија, УСАИД и Агенцијата за поддршка на претприемништвото, а ќе трае до 6 ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни