Канада гласа за својата територијална иднина: Референдум за можно отцепување на нафтената провинција Алберта

Денешното гласање не одлучува директно за независност. Анкетата на „Ангус Рид“ покажува дека 66 проценти ја поддржуваат опцијата провинцијата да остане во Канада

Канадската провинција Алберта денеска, 19 октомври, одржува референдум на кој граѓаните избираат меѓу останување во Канада и започнување правна постапка за иден референдум за отцепување.

Гласањето не значи непосредна одлука за независност. Прашањето е дали провинциската влада треба да го започне процесот што би овозможил подоцнежно, обврзувачко изјаснување за одвојување од Канада.

Што покажуваат анкетите за референдумот во Алберта?

Според истражувањето на институтот „Ангус Рид“, објавено на 16 октомври, 66 проценти од испитаниците ја поддржуваат опцијата Алберта да остане канадска провинција. За започнување процес за иден референдум се изјасниле 34 проценти.

Анкетата е спроведена од 13 до 15 октомври меѓу 1.010 полнолетни жители на Алберта. Овие бројки ја покажуваат поддршката пред гласањето, а не неговиот исход.

Истражувањето покажува и разлика меѓу поддршката за нов референдум и желбата за независност: меѓу поддржувачите на втората опција, 60 проценти како мотив наведуваат испраќање порака до Отава, додека 37 проценти го посочуваат отцепувањето.

Карни повика на единство, резултатите се очекуваат по затворањето

Премиерот Марк Карни повика на зачувување на единството на земјата. Изјаснувањето се одржува во период на трговски тензии со САД и по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за припојување на Канада, објави Асошиејтед прес.

Според изборната служба на Алберта, гласачките места работат од 9 до 20 часот по локално време. Тоа значи дека нивното затворање е предвидено за 04:00 часот во вторник, 20 октомври, по македонско време.


Неофицијалните резултати ќе се објавуваат по затворањето на сите гласачки места, а пребројувањето треба да заврши во рок од 48 часа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс