Владата повторно ќе мора да го прекројува државниот буџет, откако растот на цените на енергенсите и мерките за нивно ублажување отворија нова дупка во планираните приходи. На само три месеци до крајот на годината, останува да се соберат околу две милијарди евра од планираните приходи, додека од предвидениот буџетски дефицит остануваат нешто над 100 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека најверојатно ќе биде потребен нов ребаланс на буџетот. Според неговата проценка, само по основ на акцизите би недостасувале околу пет милијарди денари, а доколку се земе предвид и намалената стапка на данокот на додадена вредност за дизел-горивото, недостигот би достигнал меѓу седум и осум милијарди денари.
„Ќе мора да направиме најверојатно уште еден ребаланс на буџетот бидејќи само по основ на акциза проценките се дека отприлика ќе недостасуваат некаде околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7-8 милијарди денари којашто не може да биде покриена со прераспределба и ќе мора формално да се направи таков ребаланс“, изјави Мицкоски.
Две можности: ребаланс или пренамена
Прашањето сега е дали Владата навистина ќе оди со нов ребаланс или ќе се обиде да најде простор преку пренамена на веќе планираните средства. Ако нема ребаланс, потребните средства би требало да се обезбедат со кратење или одложување на дел од веќе предвидените расходи.
Од владината прес-служба засега нема потврда дека прашањето ќе се најде на дневен ред на следната седница во вторник. Оттаму за Телма не добиле информација дека е предвидено формално отворање на ова прашање, па останува неизвесно дали Владата ќе предложи ребаланс уште следната недела.
Дополнителен притисок врз буџетот создаваат случувањата на Блискиот Исток, кои повторно ги раздвижија светските берзи и влијаат врз цените на нафтата, електричната енергија и гасот. Повисоките цени на енергенсите можат да имаат директни и индиректни последици врз јавните финансии, особено доколку државата презема мерки за ублажување на ударот врз граѓаните и стопанството.
Опозицијата: „Ребалансот е признание дека има дупка“
Од СДСМ го оценија најавениот ребаланс како доказ дека во буџетот недостигаат средства. Според опозицијата, дополнителното задолжување би значело нови обврски за државата, наместо трајно решение за проблемот со приходите и расходите.
„Ребалансот што го најави за овој месец е признание, не победа: буџетот веќе е пократок за 7 до 8 милијарди денари. Па дупката ќе ја крпи со нов план и со нов кредит“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија дополнително ја критикуваат политиката на намалување на цените на горивата, тврдејќи дека намалувањето на даночните приходи создава дополнителен притисок врз државната каса.
Владата, пак, допрва треба да одлучи дали недостигот ќе го покрива со ново прекројување на буџетот или со пренамена на средствата што веќе се планирани. Одлуката би требало да стане појасна во следните денови, во период кога до крајот на буџетската година останува сè помалку време, а просторот за маневрирање е ограничен.