Разбиена криминална мрежа во Грција: Со фиктивни фирми направиле штета од над 13,3 милиони евра

Грчките власти процениле дека директната штета од неплатени даноци и придонеси изнесува повеќе од 2,35 милиони евра

Грчката полиција разби криминална организација осомничена дека преку фиктивни компании, лажни трансакции и неплатени даноци го оштетила државниот буџет за повеќе од 13,3 милиони евра. Во полициската операција во Солун се уапсени пет лица, меѓу кои и двајцата наводни организатори, додека во истрагата се опфатени уште 18 идентификувани осомничени.

Според информациите од грчката полиција, групата дејствувала најмалку од септември 2022 година и имала јасно распределени улоги. Нејзините членови основале трговски друштва на имиња на таканаречени „лица-паравани“, преку кои вршеле фиктивни и реални деловни трансакции без да го плаќаат предвидениот данок на додадена вредност.

Истрагата покажала дека компаниите набавувале производи од други земји членки на Европската Унија без пресметан ДДВ, а потоа ги продавале на грчкиот пазар. Даночните обврски биле префрлани на фиктивните управители, додека парите што требало да бидат уплатени во државниот буџет завршувале како противправна корист за организацијата.

За да го намалат ризикот од контрола, осомничените во кратки временски интервали отворале нови компании. На тој начин избегнувале големи даночни долгови да се натрупуваат на еден ист даночен број. Како формални сопственици и управители биле ангажирани лица кои добивале од 500 до 1.500 евра месечно, како и социјално ранливи и маргинализирани лица.

Полицијата тврди дека членовите на групата фиктивно ги пријавувале и осигурувале себеси, своите роднини и пријатели, без да ги плаќаат задолжителните придонеси во грчкиот фонд за социјално осигурување.

Како водачи на организацијата се посочени двајца мажи на возраст од 40 и 41 година, кои биле задолжени за основање на компаниите. Осомничен 52-годишник бил посредник меѓу организаторите и лицата-паравани, додека двајца мажи на возраст од 40 и 56 години формално се појавувале како управители на фирмите.

Дел од деловните простории на фиктивните компании, според истрагата, биле користени и како магацини за шверцувани алкохолни пијалаци, како и за кафе и електронски цигари за кои се сомнева дека потекнувале од кражби.

Грчките власти процениле дека директната штета од неплатени даноци и придонеси изнесува повеќе од 2,35 милиони евра. Истовремено, на имињата на лицата користени како параван бил натрупан долг од над 11 милиони евра, со што вкупната штета надминала 13,3 милиони евра.

При претресите на домови, компании и возила биле запленети 122 шишиња шверцуван алкохол, 84 електронски цигари, 76 килограми кафе, 3.890 капсули кафе, десет мобилни телефони, лаптоп, 8.355 евра во готовина, печати од компании, банкарски картички и повеќе деловни документи.

Против уапсените е поведена постапка за организирање и учество во криминална организација, континуирана измама на штета на државата, шверц и примање и дистрибуција производи стекнати со криминал. Осомничените се изведени пред надлежното обвинителство, а истрагата продолжува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс