Шумските пожари во Македонија во периодот од 2023 до 2025 година предизвикале штета проценета на повеќе од 133,6 милиони евра, покажуваат податоците наведени во најновата ревизија на Државниот завод за ревизија. Само во текот на 2024 година штетата надминала 83 милиони евра.
Според податоците на ЈП „Национални шуми“, во анализираниот период биле евидентирани 82.714 хектари опожарена површина и 914.657 кубни метри изгорена дрвна маса. Вкупната материјална штета е проценета на 133.663.967 евра, од кои 83.121.333 евра се однесуваат на 2024 година.
Податоците од Европскиот информациски систем за шумски пожари покажуваат уште позагрижувачка слика. Во Македонија во 2024 година биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина – најмногу во последната деценија и повеќе од вкупната опожарена површина во претходните шест години заедно.
Разликата меѓу податоците за опожарените површини произлегува од различниот опфат и методологија на изворите, но и двата показатели укажуваат на сериозни последици од пожарите.
Ревизорите утврдиле дека системот за заштита и спасување не располага со целосна подготвеност за навремено и ефикасно справување со катастрофи. Констатирани се слабости во стратешкото планирање, координацијата меѓу институциите, управувањето со ресурсите, како и недостиг од кадар, опрема и инвестиции во модернизацијата на системот.
Дел од слабостите биле посочени уште во 2018 година, при скринингот спроведен од Европската Унија преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Сепак, до завршувањето на ревизијата препорачаните реформи не биле целосно спроведени.
Македонија сè уште нема усвоено нова Национална стратегија за заштита и спасување, откако претходната престанала да важи во 2018 година. Подготвена е нацрт-стратегија за периодот 2026–2030 година, но таа сè уште не е донесена.
Не е донесена ниту годишна програма за спроведување на стратегијата, а државниот План за заштита и спасување не е ажуриран. Процената на загрозеноста од природни непогоди и други несреќи, пак, потекнува од 2007 година и не е приспособена на новите ризици и современите климатски услови.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека дел од утврдените слабости биле намалени со измените на законите за управување со кризи и за заштита и спасување.
Според Ангелов, во текот на ова лето Македонија немала потреба да побара меѓународна помош, а Дирекцијата првпат ставила два противпожарни авиони „ер трактор“ на располагање за помош на други земји преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Тој најави продолжување на реформите, меѓу кои и создавање единствена институција што би ги обединила функциите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.