Расте бројот на мртви во Шпанија, премиерот Санчез предупреди за можност од нови поплави

Спасувачките тимови во четвртокот открија тела на осум лица кои беа заробени во гаража по разорните поплави што ја погодија источна Шпанија, додека бројот на загинати само во регионот на Валенсија се искачи на над 155.
Фото: EPA-EFE/BIEL ALINO

Локалните власти не открија колку луѓе сè уште се водат за исчезнати по најсмртоносните поплави во Европа во последните години, а министерката за одбрана Маргарита Роблес рече дека конечниот национален број на загинати може да биде многу поголем.

Опозициските политичари ја обвинија централната влада во Мадрид дека дејствува премногу бавно за да ги предупреди жителите и да испрати спасувачки тимови, поради што Министерството за внатрешни работи соопшти дека регионалните власти се одговорни за мерките за цивилна заштита.

Градоначалничката на Валенсија, Марија Хозе Катала, изјави за новинарите дека еден локален полицаец е меѓу осумте тела пронајдени удавени во гаражата во градското предградие Ла Торе. Во истата населба, додаде таа, во нејзиниот дом е пронајдена мртва и 45-годишна жена.

„Тие луѓе немаше да умрат ако беа предупредени на време“, изјави за Ројтерс Лаура Вилаескуса, сосед и менаџер на локалниот супермаркет.

Метеоролозите соопштија дека во делови на Валенсија паднал дожд во вредност од една година за осум часа.

Поплавите ја зафатија инфраструктурата на Валенсија, рушејќи мостови, патишта и железнички пруги и потопувајќи обработливо земјиште во регион кој произведува околу две третини од агрумите одгледувани во Шпанија, водечки светски извозник на портокали.

Илјадници луѓе кои носат торби или туркаат колички за купување можеа да се видат во четвртокот како поминуваат преку пешачкиот мост над реката Турија од Ла Торе во центарот на градот Валенсија за да се обезбедат со основните резерви како што се тоалетна хартија и вода.

Марибел Албалат, градоначалник на блискиот град Паипорта, рече дека никогаш не добиле предупредување за непосредна опасност од поплави. Таа рече дека 62 лица загинале во нејзиниот град.

„Најдовме многу стари луѓе во нивните домови и луѓе кои отишле да ги земат своите автомобили. Тоа беше стапица“, рече таа за ТВЕ.

Во Годелета, град на 37 км западно од градот Валенсија, Антонио Молина (52) опиша како преживеал поплава во вторникот вечерта прилепувајќи се за столб на тремот на соседот со вода до вратот чекајќи да стивне дождот.

Домот на Молина веќе претрпел две големи поплави во 2018 и 2020 година и тој ги обвини властите што дозволиле изградба на станбени згради во вдлабнатини каде што се акумулира вода.

„Не сакаме повеќе да живееме овде“, рече тој во солзи. „Штом ќе паднат неколку капки дожд, веќе ги проверуваме нашите телефони.“

Околу 80 километри патишта во источниот регион се сериозно оштетени или непроодни, изјави министерот за транспорт Оскар Пуенте. Многу од патиштата беа блокирани од напуштени автомобил.

„За жал има мртви тела во некои возила“, им рече Пуенте на новинарите, додавајќи дека ќе бидат потребни две до три недели за повторно воспоставување на брзиот воз меѓу Валенсија и Мадрид.

Во посета на координативен центар за спасување во близина на градот Валенсија, шпанскиот премиер Педро Санчез ги повика луѓето да останат дома поради заканата од ново бурно време.

„Во моментов најважно е да се заштитат што повеќе животи“, им рече тој на новинарите.

Папата Франциско рече дека се моли за луѓето во регионот. „Блиску сум со нив во овој момент на катастрофа“, рече тој во видеото објавено на X.

Бидејќи климатските промени се поврзани со почести напади на екстремни временски услови, Хана Клок, професорка по хидрологија на британскиот Универзитет во Рединг, рече дека поплавите во Валенсија ја покажаа потребата од поголема јавна свест за опасностите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни