Просторот кај поранешниот дом „Ранка Милановиќ“, кој со години е руиниран и претворен во мини-депонија, би можел да добие нова намена. Општина Гази Баба бара локацијата од образовна да стане комерцијално-деловна зона, со можност таму во иднина да се гради деловен објект, односно трговски центар, објави Телма.
Во објектот, и покрај лошите услови, сè уште живеат дваесетина семејства, односно околу 70 до 80 лица.
Општината бара промена на намената на земјиштето
Од Општина Гази Баба за телевизијата изјавиле дека, според актуелниот Детален урбанистички план, намената на просторот кај поранешниот дом „Ранка Милановиќ“ е В1 – средно образование.
Истата намена е предвидена и во ДУП-от што е во изработка.
„Во изработката на новиот ГУП на Град Скопје бараме ова земјиште да има намена Б – комерцијални – деловни објекти. Ова барање произлегува од тоа што целиот простор околу поранешниот дом прерасна во комплекс на трговски објекти“, изјавиле од Општината.
Семејствата треба да бидат згрижени во Чичино Село
Додека Општината бара урбанистичка промена на локацијата, од Министерството за труд и социјална политика најавиле дека лицата кои живеат во поранешниот дом ќе бидат сместени на друга локација.
Според податоците од Министерството, во објектот моментално живеат околу 70 до 80 лица, а планот е тие да бидат згрижени во Чичино Село.
„Во моментов се обезбедуваат и дополнителни сместувачки капацитети во Чичино Село, каде што ќе бидат згрижени лицата од Ранка Милановиќ, со цел да им се обезбедат посоодветни услови за сместување и грижа“, изјавиле од Министерството.
Следната фаза зависи од урбанистичките услови
Од Министерството посочиле дека по завршувањето на овие активности и по создавањето на потребните урбанистички предуслови, ќе може да се пристапи кон следната фаза на трансформација на локацијата.
Со тоа, просторот што со години стои запуштен и руиниран би можел да влезе во нов урбанистички план, но пред тоа треба да се реши сместувањето на луѓето кои сè уште живеат таму.