Доналд Трамп се закани дека ќе воведе високи царини за Велика Британија доколку Лондон не го укине данокот за дигитални услуги, кој ги опфаќа приходите на големите американски технолошки компании, пренесува „Гардијан“.
Данокот за дигитални услуги беше воведен во 2020 година и предвидува стапка од 2 проценти врз приходите на големи дигитални компании. Тој се однесува на фирми чии глобални приходи од дигитални активности надминуваат 500 милиони фунти, а повеќе од 25 милиони фунти од тие приходи доаѓаат од корисници во Велика Британија.
Во разговор со новинарите во Овалната соба, Трамп изјави дека САД го разгледуваат ова прашање и дека можат да одговорат со „голема царина“ за Велика Британија.
„Ако не го укинат данокот, веројатно ќе воведеме голема царина врз Велика Британија“, рече Трамп.
Тој оцени дека ваквите закони се насочени кон „врвните компании во светот“ и додаде дека неколку земји се обидуваат да заработат на сметка на американските компании.
Данокот за дигитални услуги остана непроменет и по трговскиот договор меѓу Велика Британија и САД, договорен во мај 2025 година, иако бил тема на разговори.
На прашањето колкава би можела да биде царината, Трамп рече дека таа би била „повеќе од она што го добиваат“ од данокот.
„Она што ќе го направиме е да возвратиме со нешто што е еднакво или поголемо од она што го прават“, рече тој.
Најновите изјави доаѓаат во период на пошироки тензии меѓу Вашингтон и Лондон. Односите дополнително се влошија откако британскиот премиер Кир Стармер ја исклучи можноста Велика Британија да се вклучи во конфликтот на Блискиот Исток.
Претходно овој месец, Трамп во интервју за „Скај њуз“ изјави дека условите на трговскиот договор меѓу Велика Британија и САД „секогаш можат да се променат“.
Коментарите на Трамп следуваат по слични закани од Вашингтон кон земји што воведуваат дигитални даноци или регулативи кои влијаат врз американските технолошки компании. Такви даноци имаат и повеќе европски земји, меѓу кои Франција, Италија и Шпанија.
Во објава на „Трут сошал“ од август 2025 година, Трамп порача дека ќе се спротивстави на земјите што, според него, ги напаѓаат американските технолошки компании.
„Дигиталните даноци, законодавството за дигитални услуги и регулативите за дигитални пазари се дизајнирани да ѝ наштетат или да ја дискриминираат американската технологија“, напиша Трамп.
Тој тогаш предупреди дека, доколку таквите мерки не бидат укинати, САД ќе воведат дополнителни царини за извозот на земјите што ги применуваат.