Рама ги споредува протестантите од Македонија со „освојувачка орда” и им одрекува статус на дијаспора

Албанскиот премиер тврди дека Албанците од Тетово и Приштина биле „ревносни жртви” на политички спонзори, и прашува кој се радува кога ги гледа како „јурнаа” кон Тирана да ја урнат неговата влада.

Еди Рама реагираше остро на учеството на Албанци од Косово и Македонија во протестите на Фламинго револуцијата, која во Тирана трае веќе 22 дена. Во објава на Фејсбук, албанскиот премиер јасно ја повлече линијата: Албанците во Македонија се државотворен народ на своја земја, а не дијаспора на Албанија. Истото го рече и за Албанците на Косово, кои имаат своја независна држава. „Дијаспора се иселениците што живеат во странски земји, а не тие”, напиша Рама, реагирајќи на нивното масовно учество на антивладините демонстрации.

Реторичкото прашање на Рама беше директно упатено до нивните „спонзори”: дали оној што сака Албанците да бидат „во кавги и неред” се загрижува или се радува кога гледа „жртви” од Тетово и Приштина како јурнаа кон Тирана „да ја урнат Владата”? Протестантите ги нарече „слепи војници на политички каравани”, а учеството на косовското ослободително знаме УЧК на протестите го опиша како „сквернавење” кое „нема да му се избрише од умот”.

Движењето Фламинго револуција започна на 23 мај во селото Звернец, на адрјатичкиот брег на Албанија. Непосредниот повод беше изградбата на луксузен туристички комплекс со вредност од околу пет милијарди евра, поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, во заштитено мочуриште Вјоса-Нарта — дом на над 200 видови птици, вклучувајќи фламинга, далматинска пеликан, морски желки и медитеранска монашка фока. По насилство врз протестанти на 30 мај, локалниот еколошки спор прерасна во масовно антивладино движење. Секој ден во 19 часот граѓаните маршираат со транспаренти „Албанија не е на продажба” пред кабинетот на Рама.

Над 100.000 луѓе учествувале во протестите во Тирана и другите албански градови, а демонстрации се одржале и кај косовската и македонската дијаспора во Европа и Северна Америка. Движењето официјално бара оставка на владата, формирање на техничка влада и поништување на проектот во Звернец. На 17 јуни, Европскиот парламент усвои резолуција со која бара мораториум на сите нови дозволи и градби во заштитените области во Албанија, додека не се укинат измените на Законот за заштитени области од 2024 година, со кои беа отворени вратите за инвестиции во заштитени зони. ЕП изрично наведе дека владеењето на правото и европските еколошки стандарди се ненегоцијабилни услови за пристапување во ЕУ.

извор: Мета

е-Трн да боцка во твојот инбокс