Уништен мост во Градски парк во обид да се пренесе багер

Импровизираниот премин од две даски попушти под тежината на машината, по што дрвената конструкција во паркот стана целосно неупотреблива.

Пешачки мост во Градскиот парк во Скопје е целосно уништен откако работници кои изведувале градежни активности на терен се обиделе преку него да пренесат багер. Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека обидот за преместување на градежната механизација завршил со попуштање и кршење на дрвените даски, со што преминот е надвор од употреба.

Граѓани на социјалната мрежа Икс објавија сведоштва и фотографии од оштетениот мост во Градскиот парк. Според нивните реакции, работниците претходно поставиле две дополнителни штици за да ја пренесат градежната машина на другата страна од каналот.

Обидот за преместување на тешкиот багер преку лесниот пешачки мост завршил со пропаѓање на конструкцијата. Дрвените елементи попуштиле под товар за кој објектот не е проектиран.

По овој настан, пешачкиот премин е целосно искршен и вон употреба за посетителите на паркот. На социјалните мрежи се нижат реакции од скопјани кои укажуваат на непремисленото постапување на терен и бараат одговорност за оштетувањето на јавното добро.

Ова е уште еден инцидент што отвора прашања за начинот на кој се изведуваат градежните и комуналните работи во најголемиот скопски парк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс