Дали младите можат да научат да препознаваат насилство ако училиштето ги избегнува зборовите со кои се објаснуваат родовата нееднаквост и односите на моќ? И може ли да зборуваме за заштита на девојчињата, а да не зборуваме за општеството што ја нормализира контролата врз нивните животи?
Денес, додека во Скопје се одржува протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, овие прашања стануваат уште поболни и понеодложни. Според организаторите на протестот, Билјана претходно пријавувала насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита. Нејзиното убиство повторно го отвори прашањето дали институциите ги препознаваат предупредувачките знаци и дали реагираат пред да биде предоцна. Протестот на иницијативата „Ниту една повеќе!“ започнува во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Во меѓувреме, од образовните програми се отстрануваат или се ублажуваат токму поимите што им помагаат на младите да ги разберат дискриминацијата, родовите стереотипи и нееднаквите односи на моќ. Што значи тоа за нивната способност да препознаат насилство, да постават граници и да ги разберат сопствените права? За ревидираната програма „Здравје и заштита на здравјето“, последиците од отстранувањето на родовата перспектива, положбата на ЛГБТИК+ учениците и одговорноста на институциите разговараме со Садра Миленковска од Коалиција МАРГИНИ. Таа предупредува дека образованието не смее да ги сведува насилството и дискриминацијата на индивидуални проблеми, туку мора да ги именува и општествените механизми што ги создаваат и одржуваат.
Трн: Што треба да научи еден млад човек преку сеопфатното сексуално образование и колку од тоа го добива со ревидираната програма „Здравје и заштита на здравјето“?
Сара: За да одговориме на ова прашање, најпрво мораме да се ослободиме од редукционистичкото разбирање на сеопфатното сексуално образование како наставна содржина ограничена на репродуктивната биологија, сексуалното однесување и превенцијата од здравствени ризици, затоа што неговата суштинска образовна и општествена функција е многу поширока: да им овозможи на младите да развијат критичко разбирање за сопствената телесност, автономија, сексуалност и односи со другите, но истовремено да ги препознаваат општествените структури, нормите и односите на моќ што ги обликуваат нивните можности да донесуваат слободни и информирани одлуки.
Младите не живеат во општествен вакуум, ниту нивните искуства со сексуалноста, врските, здравјето или насилството се исклучиво прашање на индивидуални избори; тие се посредувани од родовите очекувања, социоекономските услови, класната позиција, етничката припадност, семејните односи, религиозните и културните норми, како и од институционалната (не)достапност на информации, услуги и заштита. Токму затоа, образованието што претендира да биде сеопфатно не може да ги третира овие прашања изолирано, односно да зборува за согласност без да ги анализира нееднаквите односи на моќ, за репродуктивно здравје без да ги разгледува материјалните услови за пристап до здравствени услуги или за насилство без да ги именува структурите што го произведуваат и нормализираат.
Ревидираната програма „Здравје и заштита на здравјето“ задржува дел од важните содржини поврзани со личните граници, согласноста, здравите односи и сексуалното насилство и ова е важно да се нагласи за критиката да не се сведе на неточно тврдење дека сè е отстрането. Меѓутоа, она што е особено проблематично е систематското отстранување на експлицитната терминологија за родот и родовата еднаквост, како и преформулирањето на содржините за сексуалното и репродуктивното здравје и права, со што се создава сериозна концептуална противречност: од учениците се очекува да разбираат општествени стереотипи, нееднакви односи и дискриминација, но истовремено им се ограничува пристапот до една од основните научни категории преку кои овие феномени се објаснуваат.
Родот не е само категорија што ги опишува разликите меѓу жените и мажите, туку аналитички инструмент преку кој можеме да разбереме како се конструираат и легитимираат општествените односи на моќ, и родот функционира истовремено на индивидуално, интеракциско и институционално ниво. Оттука, кога родот се отстранува од наставната програма, не се отстранува само термин, туку се ослабува можноста учениците систематски да ги поврзуваат своите секојдневни искуства со пошироките механизми на нееднаквоста.
Во овој контекст, особено загрижувачко е што програмата останува изборен предмет со ограничен фонд од 36 часа, кој ученикот го избира еднаш во текот на гимназиското образование, што дополнително го отвора прашањето за еднаквиот пристап до овие знаења, особено за младите во стручните училишта, руралните средини и заедниците со ограничени образовни и здравствени ресурси.
Сеопфатноста треба да се мери според способноста на образованието да им овозможи на младите критички да ги разберат условите во кои живеат и да ги препознаат неправдите што го ограничуваат нивното право на автономија, здравје и достоинствен живот.

Женската автономија се претставува како опасност, а машката контрола како заштита
Трн: Во ревидираната програма сексуалната различност и хомофобијата веќе не се именувани во лекцијата за дискриминација. Што значи тоа за ЛГБТИК+ учениците, особено за оние што го кријат својот идентитет од страв од врсничко насилство?
Сара: Отстранувањето на сексуалната различност и хомофобијата од наставните содржини мора да го разбираме во контекст на веќе постоечкото институционално насилство и структурната дискриминација врз ЛГБТИК+ младите, а не како изолирана терминолошка интервенција, бидејќи училиштето не е неутрален простор во кој сите ученици влегуваат со еднаква можност да бидат видливи, прифатени и заштитени.
Во истражувањата и документацијата што ги користиме во Коалиција МАРГИНИ постојано се појавува истиот проблем: институциите што формално имаат обврска да обезбедат еднаков третман неретко стануваат простори во кои дискриминацијата се минимизира, се индивидуализира или воопшто не се препознава. Во истражувањето „Опасност од (не)постоење“, кое го опфаќа периодот од 2021 до 2023 година, документирани се 255 случаи на институционално насилство врз ЛГБТИК+ лица, од кои 82 се поврзани со образованието; дополнително, истражувањата на кои се повикуваме покажуваат дека речиси 37 проценти од анкетираните ученици посочиле дека во нивното училиште имало врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, додека други податоци укажуваат на висока застапеност на прикривањето на идентитетот во училишната средина.
Овие бројки не треба да ги читаме само како показатели за врсничкото насилство, туку како сведоштво за образовна средина во која одредени ученици мораат постојано да проценуваат колку видливост можат да си дозволат, кому смеат да му веруваат и какви последици би имало доколку нивниот идентитет стане предмет на јавно препознавање. Тоа е специфична форма на нееднаквост во која значителен дел од енергијата што би требало да биде насочена кон учење, социјализација и личен развој се троши на самозаштита, прикривање и справување со стравот.
Тука мораме да ја вклучиме и интерсекциската димензија, затоа што искуството на ЛГБТИК+ ученик во урбана средина, со материјално стабилно семејство и пристап до поддршка, не е идентично со искуството на квир девојче од рурална средина, трансродов ученик со ограничена семејна поддршка или млад човек кој истовремено се соочува со расизам, сиромаштија, попреченост или етничка дискриминација. За некои млади, училиштето може да биде единствениот простор надвор од семејството во кој би можеле да добијат точни информации, признание и поддршка, што значи дека институционалното премолчување на нивните искуства може да има особено тешки последици.
Во таа смисла, отстранувањето на хомофобијата не значи дека наставниците нужно ќе престанат да зборуваат за дискриминација, но значи дека се губи експлицитната програмска обврска да се анализираат конкретните механизми на стигматизација врз сексуалните и родовите малцинства. Општото повикување на толеранција не е замена за образованието што ги препознава историските, културните и институционалните причини поради кои одредени групи систематски се изложени на насилство.
Дополнително, кога образовните политики се менуваат во контекст на организирани антиродови кампањи, тие имаат и поширока симболичка функција: испраќаат порака за тоа кои идентитети, искуства и знаења државата смета дека заслужуваат јавно признание. Затоа ова прашање не се однесува само на застапеноста на ЛГБТИК+ темите во наставните програми, туку на правото на младите да не мораат да ја плаќаат цената на сопствената невидливост за да бидат безбедни.
Петар кога ќе порасне сака да го сакаат големите фашисти
Трн: Петар Богојески зборуваше за „машки надзор“ врз жените. Како на час би им објасниле на младите кога однесувањето што се претставува како грижа станува контрола? Дали ревидираната програма им дава на наставниците доволно простор за таков разговор?
Сара: Изјавите за потребата од „машки надзор“ врз жените се особено илустративни за начинот на кој патријархалната контрола се легитимира преку јазикот на грижата, заштитата, семејната стабилност и моралната одговорност, претставувајќи ја женската автономија како потенцијална опасност за општествениот поредок, а машкото управување со неа како природна и пожелна општествена функција. Или во превод Петар кога ќе порасне сака да го сакаат големите фашисти, затоа сега си поигрува со нормализирање на нормализирање. Еј, пазете после реформулираше т.н. надзор всушност бил грижа, па така машката грижа само ни покажува дека политичари како него, колку и да ги доживуваме како карикатури се грижат за жените само откако ќе се мртви.
Ваквите ставови не треба да не изненадуваат, тие се поширока историска традиција во која женската сексуалност, репродукција, мобилност и економска независност се регулираат преку семејството, институциите и општествените норми. Он само поексплитно го кажува тоа што македонските политики го креираат.
На час би започнала од секојдневни ситуации што младите веќе ги препознаваат: партнер кој бара постојана локација, пристап до телефонот, информации за секое движење, кој го ограничува дружењето или го условува продолжувањето на врската со послушност, но сето тоа го претставува како доказ за љубов, грижа или загриженост. Клучното прашање не би било дали одредено однесување се декларира како грижа, туку дали тоа ја проширува или ја ограничува автономијата на другата личност, дали постои можност за несогласување без последици и кој ја има моќта да поставува правила, да контролира и да казнува.
Со измените во програмата се нагласува суштинскиот проблем: ако наставникот треба да ја објасни контролата во интимните односи, а наставната програма избегнува експлицитно да го именува родот како општествена структура, тогаш постои ризик разговорот да остане на ниво на индивидуално неприфатливо однесување, без да се анализираат културните и институционалните механизми што на мажите историски им доделуваат авторитет над жените.
Особено е важно да не ја сведеме превенцијата на насилството на уште еден пакет совети за девојчињата како да ги препознаваат ризичните однесувања, затоа што тоа повторно го префрла товарот на нивната безбедност врз нив самите. Потребно е критички да се работи и со момчињата, да се преиспитуваат моделите на машкост што ја поврзуваат вредноста на мажот со доминацијата, контролата, сексуалното право и способноста да ја дисциплинира партнерката, но истовремено да се препознаат и притисоците што овие модели ги создаваат врз самите момчиња.
Буквално на долг рок ова се наставна програми кои работат на превенција на РБН, идејата е да право да бараме и креираме образованието кое не ги репродуцира општествените услови во кои контролата се нормализира како грижа, а женската слобода се толкува како провокација.
Наставникот има простор да зборува за насилство, во образовен систем кој му овозможува да ги преиспита односите на моќ што го прават насилството општествено разбирливо, а понекогаш и оправдано.

Институциите само декларативно се повикуваат на европските вредности
Трн: МОН вели дека измените се направени по консултации со стручната јавност. Дали сте ги виделе стручните образложенија и што треба да објави Министерството за јавноста да може да оцени зошто се направени промените?
Сара: Прашањето за стручните консултации не се сведува на тоа дали Министерството формално одржало неколку состаноци или вклучило одреден број експерти, затоа што легитимноста на еден образовен процес се заснова на транспарентноста на аргументите, проверливоста на доказите, плурализмот на релевантното научно знаење и можноста јавноста да разбере како и зошто се донесени конкретни одлуки. Не сум видела јавно достапно, целосно стручно образложение што ја оправдува потребата за отстранување на термините за родот, родовата еднаквост, сексуалната различност и хомофобијата, освен фејсбук повиците на антиродовите актери кои се земаат за релеванти од кабинетот на министерката кој активно ги игонорира поими со долга научна традиција и јасно утврдена употреба во домашната правна рамка и меѓународните стандарди за човекови права.
Токму поради тоа сметам дека МОН и Бирото за развој на образованието треба јавно да ги објават составот и критериумите за избор на работните групи, сите стручни мислења и забелешки доставени во процесот, образложенијата за нивно прифаќање или отфрлање, како и споредбена анализа на првичната и ревидираната програма, со јасно наведување на научните и педагошките аргументи за секоја суштинска промена.
Но ова прашање има и поширока политичка димензија која ја препознаваме низ нашата истражувачка работа за антиродовите движења во Македонија. Во публикацијата „Кој се плаши од родот?“ и во последователните анализи на антиродовата мобилизација се покажува како категоријата „родова идеологија“ функционира како обединувачки политички означувач преку кој различни актери ги поврзуваат стравовите за семејството, сексуалноста, националниот идентитет и правата на децата, претставувајќи ги феминистичките и ЛГБТИК+ барања како закана за општествената стабилност. Извештајот на Европската комисија за 2026 година само го потврдува она на што со години предупредуваме: антиродовите движења не се изолиран конзервативен отпор, туку организирана политичка сила чии наративи сè поуспешно се преточуваат во институционални одлуки, законски регресии и ограничување на човековите права. Особено загрижува што државата истовремено ги отстранува родовата еднаквост и сексуалната различност од образованието, не обезбедува функционална заштита од родово базирано насилство и дозволува граѓанските организации да ги надоместуваат институционалните недостатоци со нестабилни ресурси. Ова не е само прашање на идеологија, туку на распределба на моќта, пристапот до знаење, материјалните ресурси и можноста за достоинствен живот, особено за жените и луѓето што се соочуваат со повеќекратна дискриминација.
Она што го прави овој процес особено проблематичен е преминот од јавна антиродова мобилизација кон институционално влијание врз креирањето политики, односно можноста политички и морални преференции да се претставуваат како неутрални стручни аргументи и на тој начин да стекнат легитимитет што не произлегува од научните докази. Во рамките на нашата работа со Коалиција МАРГИНИ, вклучително и уредувањето на зборникот „И после сѐ, проблеми со родот“, настојуваме токму да покажеме дека родот не е произволна политичка категорија што може да се избрише со административна одлука, туку научно разработен концепт присутен во историјата, социологијата, антропологијата, филозофијата, медицинските и биолошките истражувања и современата правна мисла. Затоа не бараме Министерството само да ни каже со кого разговарало, туку да покаже врз основа на кое знаење одлучило што младите треба, а што не треба да учат.
Најголемата противречност е што институциите декларативно се повикуваат на европските вредности, додека во практика дозволуваат политиките на исклучување да стануваат дел од институционалното функционирање. Проблемот одамна не е недостаток на препораки или докази, туку отсуство на политичка одговорност за нивното игнорирање.
Знаењето не го загрозува семејството!
Трн: Противниците на сексуалното образование го претставуваат како закана за семејството. Што би му кажале на родител што се двоуми дали да му дозволи на своето дете да го избере предметот?
Сара: Неопходно да направиме јасна разлика меѓу автентичните родителски грижи и политичката инструментализација на тие грижи од страна на организирани антиродови актери, кои преку морална паника и дезинформации ја претставуваат научно заснованата едукација како опасност за семејството. На пример стапката на малолетнички породувања во Македонија што е речиси трипати повеќе во споредба со просекот на земјите од Европската Унија. Слично како што сме трети во Европап по фемициди. Низ истражувањата за антиродовите движења во Македонија гледаме дека повикувањето на „заштита на децата“ често функционира како исклучително ефикасна стратегија за мобилизација, токму затоа што активира реални стравови и несигурности, но потоа ги пренасочува од конкретните материјални и институционални проблеми со кои се соочуваат семејствата кон замислени закани поврзани со родовата еднаквост, сексуалните и репродуктивните права и постоењето на ЛГБТИК+ луѓето.
Ова е особено важно во општество во кое родителите секојдневно се соочуваат со економска несигурност, недоволно достапни здравствени услуги, врсничко насилство, дигитални ризици и недоверба во институциите, бидејќи тие реални проблеми заслужуваат сериозни јавни политики, а не дополнително поттикнување страв од знаењето.
На родител што се двоуми би му поставила едно многу конкретно прашање: ако неговото дете не добие точни, научно засновани и соодветни за возраста информации за телесната автономија, согласноста, сексуалното и репродуктивното здравје, интимните односи и различните форми на насилство во училиштето, од каде ќе ги добие? Од социјалните мрежи, од врснички митови или од дигитални инфлуенсери што неретко ја претставуваат машката доминација како доказ за успешност и авторитет? Сеопфатното сексуално образование не треба да се разбира како конкуренција на родителското воспитување, туку како јавен образовен ресурс што им овозможува на младите да развијат знаења и вештини кои не зависат исклучиво од образовниот капитал, личните уверувања или материјалните можности на нивните семејства. Тука е важна и интерсекциската перспектива: дете чии родители имаат високо образование, финансиска стабилност и пристап до приватни здравствени и психолошки услуги веќе има значително повеќе можности да добие информации и поддршка од дете што расте во сиромаштија, во изолирана рурална средина, во семејство во кое сексуалноста е табу или во услови на насилство. Поради тоа, достапноста на квалитетно образование не е само прашање на индивидуален избор, туку и на социјална правда и еднаквост на можностите.
Во работата со млади и преку менторските и образовните програми постојано се потврдува колку се различни почетните позиции од кои младите треба да ја градат својата самостојност, а токму училиштето има потенцијал делумно да ги намали тие нееднаквости, наместо дополнително да ги репродуцира. Конечно, сметам дека мораме да престанеме да го поставуваме семејството и правата на децата како спротивставени категории. Семејство што се темели на грижа, доверба и почитување на автономијата на своите членови нема што да изгуби од образование што ги учи младите да препознаваат насилство, да поставуваат граници, да ги почитуваат различностите и да носат информирани одлуки.
Знаењето не го загрозува семејството; тоа може да ги оспори оние односи на контрола и нееднаквост што премногу долго се оправдувале во негово име.

Образованието не треба да произведува послушност кон постојните хиерархии, туку знаење и критичка способност тие да бидат препознаени, оспорени и трансформирани.
Трн: Ако МОН утре ја отвори програмата за нова ревизија, кои три промени би ги побарале прво и како би ги вклучиле младите во одлучувањето?
Сара: Би инсистирала ревизијата да не биде уште една ограничена терминолошка интервенција, туку можност да се преиспитаат самата концепција на сеопфатното сексуално образование, институционалните предуслови за неговото спроведување и демократскиот карактер на процесот преку кој се одлучува какво знаење ќе им биде достапно на младите.
Првата промена би била враќање на експлицитната родова и интерсекциска перспектива во наставната програма, вклучително и јасно именување на родот, родовата еднаквост, сексуалната различност, хомофобијата, трансфобијата и родово базираното насилство, со истовремено зајакнување на содржините за сексуални и репродуктивни права, контрацепција, согласност, дигитално сексуално насилство и нееднаквите односи на моќ.
Ова не значи механичко додавање термини во документот, туку нивно концептуално поврзување со реалните искуства на младите и со современите научни сознанија, така што наставната програма ќе им овозможува да разберат како родовата нееднаквост се преплетува со класната позиција, етничката припадност, попреченоста, сексуалноста, возраста и пристапот до јавни услуги.
Втората промена би била воспоставување реални институционални предуслови за квалитетно и еднакво спроведување на програмата, што подразбира систематска обука и континуирана поддршка на наставниците, соодветни материјали и механизми за упатување кон здравствени, психосоцијални и правни услуги, како и доверливи и достапни процедури за пријавување дискриминација и насилство.
Нашата работа на документирање институционално насилство покажува дека постоењето на формални права и протоколи не е доволно доколку институциите немаат капацитет, знаење и одговорност да ги спроведуваат, што значи дека реформата не смее да остане ограничена на содржината на учебната програма без да се разгледаат ресурсите, територијалните нееднаквости и реалната достапност на поддршка.
Особено е важно да се преиспита зошто ваквите знаења се ограничени на изборен предмет во гимназиското образование, наместо да се развива системски пристап што ќе обезбеди соодветни содржини за сите млади, вклучително и оние во стручните училишта.
Третата промена, која за мене е подеднакво суштинска, би била демократизација на самиот процес на креирање образовни политики преку значајно, структурирано и континуирано учество на младите, наместо повремени консултации што служат само за формално потврдување на однапред донесени одлуки.
Во ова целосно се согласувам со суштинското прашање што го постави Националниот младински совет: како е можно сите да одлучуваат што младите смеат да знаат, а самите млади да бидат најмалку слушнати?
Притоа, младинското учество не смее да се сведе на неколку препознатливи ученички претставници од поголемите урбани центри, туку мора да вклучи девојчиња и момчиња од различни социоекономски средини, млади Роми, ЛГБТИК+ млади, млади со попреченост, ученици од рурални средини и стручни училишта, со обезбедени услови за безбедно учество, доверливост и реално влијание врз одлуките.
Би предложила процесот да започне со независна проценка на потребите на учениците, да продолжи преку учество на младински и ученички претставници во работните групи и да воспостави механизми за континуирана евалуација на програмата, при што учениците ќе можат да оценуваат не само дали ја разбираат содржината, туку и дали стекнатите знаења им помагаат во секојдневните односи, препознавањето насилство и пристапот до поддршка.
На крај, дебатата за сексуалното образование е и дебата за тоа каква демократија сакаме да изградиме: таква во која институциите го контролираат знаењето според моменталните политички и морални приоритети или таква во која образованието ги развива капацитетите на младите критички да ги преиспитуваат општествените односи, вклучително и самите институции што управуваат со нивните животи.
Образованието не треба да произведува послушност кон постојните хиерархии, туку знаење и критичка способност тие да бидат препознаени, оспорени и трансформирани.
