Европската Унија се соочува со сериозни предизвици на пазарот на трудот, а стотици илјади работни места би можеле да бидат загрозени во следните години поради високите трошоци за енергија, индустриските промени и зелената транзиција.
Според нацрт-документи од Пролетниот пакет на Европскиот семестар, на кои се повикува „Политико“, Европската комисија изразува зголемена загриженост за економските последици од глобалните случувања и структурните промени во европската економија.
Комисијата проценува дека растот на цените во енергетскиот сектор може да загрози околу 560.000 работни места во 2026 година. Најизложени се градежништвото, металургијата, хемиската индустрија и транспортот.
Особено силен притисок се очекува во автомобилската индустрија, каде околу 600.000 работни места се сметаат за ризични поради преминот кон електрични возила и засилената конкуренција од Кина. Дополнително, околу 85.000 работни места се загрозени во производството на батерии, а речиси 59.000 во секторот за соларни панели.
Поради послабата економска активност, Европската комисија ги ревидираше и прогнозите за невработеноста. Наместо претходно предвидените 5,8 и 5,9 проценти, сега се очекува стапката на невработеност да достигне 6 проценти во 2026 и 2027 година.
Во исто време, европските компании сè потешко наоѓаат квалификувани работници. Според податоците на Комисијата, 77 проценти од компаниите во 2024 година оцениле дека недостигот од работна сила и соодветни вештини претставува пречка за инвестициите.
Затоа Брисел најавува поголем фокус на образованието, стручната обука, преквалификацијата и развојот на STEM-вештини. Според Комисијата, човечкиот капитал ќе биде еден од клучните фактори за идната конкурентност на Европа.
Комисијата предупредува и на можни социјални последици. Домаќинствата со пониски приходи би можеле несразмерно да бидат погодени од поскапувањето на енергијата и транспортот, додека дел од работниците и понатаму остануваат на нископлатени позиции со ограничени можности за напредок.
Со новите препораки, Европската комисија ќе ги повика земјите членки да спроведат реформи насочени кон подобрување на вештините на работната сила, квалитетот на работните места и социјалната заштита.