Search

 Работилници за креативен активизам со „Еквалис“ и „Партизанска Штампа”

Здружение за едукативен развој „Еквалис во соработка” со „Партизанска штампа” отвора повик за учесници на тридневна работилница за користење на ситопечат техниката во активистички цели. Програмата, насловена „Креирање мапа на чешми со питка вода преку техника на ситопечат“ ќе се фокусира на мапирање на функционалните фонтани и чешми со питка вода, како елементи во јавниот градски простор на Скопје, и нивно креативно претставување, преку графички техники на ситопечат.

Програмата е отворена за сите оние кои сакаат да трагаат низ градот и да ја преиспитаат функционалноста на јавниот простор. Истовремено,  таа нуди одлична прилика да се осознаат нови креативни техники на изразување и нивната потенцијална примена за активистичко делување. 

Преку програмата, учесниците ќе направат мапирање на функционалноста на јавните чешми во различни маала низ градот, вклучувајќи се како граѓани во преиспитување на функционалноста на јавниот простор и пристапот до питка вода како основно право на секој човек. Прашањето со јавните чешми и фонтани ќе поттикне разговор и за јавниот простор на Скопје, воопшто. Живеејќи во град кој сè помалку е во склоп со потребите на граѓаните, со оваа работилница се отвара темата за тоа како негрижата за овие, навидум, минорни проблеми, како што е достапност до јавни чешми со питка вода, сè повеќе го прават јавниот простор непријатен и нефункционален за граѓаните.

По извршеното мапирање, учесниците, заедно со менторите на програмата, ќе го започнат креативниот процес на дизајнирање на мапа од овие чешми, која потоа ќе биде печатена со техниката ситопечат. Тие ќе бидат вклучени во целиот креативен процес и самите ќе имаат шанса да научат како се печати со ситопечат,  графичка техника, со која при пропуст на боја се остава отпечаток на рамна површина. Инак од сите графички техники, ситопечатот нуди најмногу можности за слободен израз. Бидејќи рудиментарните материјали за ситопечат се лесно достапни, оваа техника често се користи во андерграунд движењата и во разни субкултури, поради што и е избраната техника која ќе се учи во рамките на оваа програма. Финалните продукти од програмата, во текот на месец март, ќе бидат прикажани како дел од јавна изложба.

Работилниците ќе бидат водени од страна на Билјана Димитрова, Милош Стојановиќ и Јован Гаковски.

Распоред на работилници:

24.02.2024 – Воведна работилница (во просториите на Партизанска Штампа)

25.02.2024 – Мапирање и фотографирање на функционални чешми во различни населби во Скојпе (Работа на терен)

02.03.2024 – Изучување на техника ситопечат и принтање на финалните продукти (во просториите на Партизанска Штампа)

Изложба на сите дела ќе биде направена на јавен настан во март.

Најново

Последни колумни