Рускиот претседател Владимир Путин не се појавил во Сочи 322 дена, што претставува најдолга пауза во неговите посети на ова црноморско одморалиште во последните децении. Според извештаите на независните руски медиуми „Агентство“ и „Проект“, промената во неговата агенда и избегнувањето на претседателската резиденција „Бочаров Ручеј“ се директна последица од зголемената закана од украински дронски напади во регионот.
Сочи со години важеше за втора престолнина на рускиот претседател, каде што тој поминуваше значителен дел од пролетните и есенските месеци, одржуваше билатерални средби со странски лидери и го организираше меѓународниот форум „Валдај“. Податоците од истражувачките медиуми покажуваат дека во периодот од 2015 до 2021 година, Путин патувал во Сочи помеѓу 24 и 37 пати годишно.
Сепак, неговата последна официјална посета на Краснодарскиот Крај беше забележана во октомври минатата година, по што тој целосно ја пропушти традиционалната пролетна посета.
Извори блиски до Кремљ наведуваат дека клучниот пресврт се случил откако украинските беспилотни летала почнаа да достигнуваат цели во регионот на Сочи. За да се одржи илузијата за редовно присуство за време на пандемијата и подоцна, во резиденцијата „Бочаров Ручеј“ дури беше изградена верна копија од неговата канцеларија од Ново-Огарево кај Москва.
Промените во безбедносната анализа ја засегнаа и резиденцијата во Новгородската Област, каде што исто така беа регистрирани дронски активности, поради што рускиот претседател во еден период паузираше со сите регионални патувања.
Намаленото присуство на рускиот лидер во Сочи коинцидира и со општото намалување на туристичкиот промет во овој регион. Зачестените воздушни аларми, затворањето на воздушниот простор над Црното Море и заканите од напади врз инфраструктурата значително го променија односот на руската јавност и елитата кон Сочи како безбедно место за одмор.