Вештак за „Пулс“: Дискотеката работела во објект каде не била дозволена угостителска дејност

Вештак на судењето за „Пулс“ изјави дека објектот бил нелегално пренаменет во дискотека и дека Општина Кочани имала надлежност да реагира.

Објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“ во Кочани бил нелегално пренаменет од индустриски во угостителски објект, а таква пренамена не била дозволена ниту со деталните урбанистички планови, ниту со законската регулатива. Ова денеска на судењето за трагедијата во „Пулс“ го изјави вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ.

На рочиштето во судницата во „Идризово“ продолжи презентирањето на градежното вештачење, овојпат во делот што се однесува на урбанистичкото планирање и законитоста на пренамената на објектот.

Според Ангелковиќ, урбанистичко-планската документација на Град Кочани од 1998 година до денес не дозволувала на предметната локација индустриски објект да биде пренаменет во дискотека или кабаре.

Дискотеката почнала да работи спротивно на ДУП

Вештакот посочи дека зоната Г10, каде што се наоѓал „Пулс“, уште со Деталниот урбанистички план од 1998 година била предвидена за лесна индустрија и мало стопанство. Оваа намена не била променета ниту со планот донесен во 2013 година.

Објектот бил составен од две згради. Првата била изградена во 1998 година со одобрение за деловно-производен продажен објект, додека втората била изградена без одобрение за градење, а во 2011 година била легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија.

Според вештачењето, од 2012 година инвеститорот почнал дел од објектот да го користи како дискотека/кабаре, спротивно на ДУП и прописите за урбанистичко планирање и градење.

„Според урбанистичко-планската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење, на предметната локација на која функционира објектот дискотека/кабаре ‘Пулс’ не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност“, изјави Ангелковиќ.

Имало легален пат, но не бил искористен

Според вештакот, постоеле две законски можности за отворање дискотека. Инвеститорот можел да побара измена на ДУП со која на локацијата би се овозможила намената Б3, во која спаѓаат големи угостителски објекти, дискотеки и кабаре-клубови, а потоа да побара и формална пренамена на објектот.

Втората можност била дискотеката да биде отворена во друг објект на локација каде таквата намена веќе била дозволена.

„Наместо да избере една од овие две легални можности, инвеститорот се одлучува да изврши нелегална пренамена на дел од објектот“, рече вештакот.

Општината можела да интервенира

На прашањето дали Општина Кочани имала можност да реагира, Ангелковиќ посочи дека станувало збор за објект од втора категорија, односно објект од локално значење, поради што општината била надлежна да контролира дали се користи согласно издадените одобренија.

Доколку инспекциските служби утврделе нелегална пренамена, според неа, можеле да му наложат на сопственикот да го врати објектот во првобитната состојба.

Таа нагласи и дека постоењето лиценца за дискотека или кабаре не ги спречувало градежните инспектори да постапуваат.

„Овластувањата на градежната инспекција да реагира кога е извршена нелегална пренамена не е условена со издавање на кој било друг акт, без разлика дали е лиценца“, појасни Ангелковиќ.

Претходното вештачење: Нула мерки за противпожарна заштита

На претходното рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изјави дека вештачењето покажало оти во случајот со „Пулс“ институциите, поединците и системот во целина не функционирале, а не биле почитувани стандардите, регулативата и процедурите.

Според тимот вештаци, во објектот биле преземени „нула мерки“ за противпожарна заштита и немало ниту еден прописен излез за евакуација. Врз основа на површината, објектот имал капацитет за 363 гости, додека критичната вечер во него имало повеќе од 600 посетители.

Со денешното рочиште, според најавите, треба да заврши изведувањето на доказите од страна на Обвинителството.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс