По нападот во средно училиште во Загреб каде беа ранети ученик и вработена, реномираниот хрватски невропсихијатар Иво Урлиќ предупреди дека општеството хроночно губи контрола над сопствената агресија. Според него, однесувањето на адолесцентите е директен одраз на средината што ја создаваат возрасните, каде границите, етиката и меѓусебната почит се потиснати од секојдневни тензии и конфликти.
Периодот на адолесценција носи биолошки и емоционален пресврт во кој механизмите за проценка на последиците сè уште не се изградени. Д-р Иво Урлиќ посочува дека младите на таа возраст поминуваат низ фаза во која лесно можат да ги изгубат сопирачките доколку немаат стабилна семејна потпора.
„Не е лесно да имаш 15 години. Тоа се години кога од дете стануваш млад човек, кога животот врие во тебе, но врие и околу тебе. Многу е важно сè да почне во семејството, да им помогнеме на семејствата да создадат амбиент каде детето ќе учи како да мисли, да расудува и да се сопира во реакциите, особено агресивните“, изјави Урлиќ за ХРТ.
Препознавањето на ризичното однесување бара внимание уште при првите сигнали. Според Урлиќ, агресивното однесување не се појавува одеднаш, туку пушта корени во моментот кога ќе изостане структурата во домот и училиштето.
Јасните правила не значат репресија, туку создавање сигурност. Семејната едукација и заемната почит меѓу постарите и помладите претставуваат основна вредност во градењето на личноста, предупредува психијатарот.
Покрај семејството, одлучувачка улога игра поширокиот општествен контекст. Современите општества патат од хронична дезорганизација, пад на моралните норми и целосно губење на чувството за мера, што директно генерира отворено насилство.
Игри со суровост, серии, филмови и секојдневни вести за војни создаваат токсичен амбиент во кој децата пливаат секој ден. Психијатријата одамна утврди дека детскиот идентитет почнува со имитација: децата прво го копираат тоа што го гледаат кај возрасните, потоа го препознаваат, па го именуваат. Кога агресијата е сеприсутна, таа станува нивна примарна алатка за комуникација со светот.