Првпат целосно дигитални учебници за деветто одделение: Математика и хемија со видеа, симулации и интерактивни задачи

Учениците од деветто одделение во Македонија од учебната 2026/2027 година за првпат имаат пристап до целосно дигитални учебници по математика и хемија, со интерактивни и мултимедијални содржини и вграден систем за управување со учењето (LMS).

Учебниците се развиени од издавачката куќа „Арс Ламина“ и се достапни бесплатно за учениците, наставниците и родителите преку образовната платформа ucebnici.mk.

За разлика од електронските учебници во PDF-формат, новите изданија се наменети за учење во целосно дигитална средина. Покрај текстот и илустрациите, лекциите содржат видеа, анимации, галерии, интерактивни задачи, симулации и други образовни материјали.

Наставниците ќе можат да го следат напредокот

Преку вградениот LMS-систем наставниците ќе можат да го следат напредокот на учениците во дигиталните лекции и да добиваат увид во областите каде што е потребна дополнителна работа.

Од друга страна, учениците ќе можат да ги совладуваат содржините со сопствено темпо и да го следат сопствениот напредок. Платформата е приспособена за користење преку компјутер, таблет и мобилен телефон, што овозможува пристап до учебниците од различни уреди.

Според Дарко Фиданоски, основач и косопственик на „Арс Ламина“, проектот е резултат на повеќегодишна работа, истражување и развој. Целта, како што посочува, била да се создаде целосна дигитална образовна средина, а не само дигитална копија на печатен учебник.

Платформата била тестирана во текот на минатата учебна година со ограничен број ученици и наставници, а од учебната 2026/2027 година е достапна за сите корисници.

Видеосодржини со научни експерименти

Дел од видеоматеријалите се лиценцирани од образовната платформа SciVi и содржат прикажани експерименти и процеси од областа на природните науки. На тој начин учениците можат дел од содржините по хемија да ги следат и визуелно, преку видеосодржини интегрирани директно во лекциите.

Новите учебници претставуваат чекор кон поинтерактивен модел на дигитално образование, во кој учебникот не е само извор на текст, туку и алатка за следење на учењето и активна работа со наставните содржини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс