Прв мај не е роден во говорници и со музика. Роден е во крв. На 4 мај 1886 година, на плоштадот Хајмаркет во Чикаго, полицијата пукала на штрајкувачите кои барале осумчасовен работен ден. Биле убивани луѓе за тоа што барале да не работат повеќе од осум часа. Денес, 140 години подоцна, го прославуваме тој ден. Но прашањето кое вреди да се постави е: дали навистина го прославуваме, или само зборуваме за него?
Чикаго, 1886: осум часа и куршуми
Приказната почнува подалеку од 1 мај. Во октомври 1884 година, Федерацијата на организираните трговски и работнички синдикати на САД и Канада донела резолуција дека од 1 мај 1886 година, осум часа ќе претставуваат законски работен ден. Тоа бил ултиматум кон работодавачите. Работниците имале две години да се организираат, а потоа да го извршат она за кое биле спремни: масовен штрајк.
Со децении, американската работничка класа, честопати принудена да работи до 16 часа дневно во небезбедни услови, се борела за осумчасовен работен ден. На 1 мај 1886 година, историчарите проценуваат дека меѓу 300.000 и половина милион американски работници тргнале на штрајк низ целата земја. Само во Чикаго, над 40.000 луѓе протестирале.
Протестите биле мирни до 3 мај, кога полицијата отворила оган кон работниците. На 4 мај, кога полицијата почнала да ги растера работниците на плоштадот Хајмаркет, непознат напаѓач фрлил динамитна бомба во толпата, убивајќи 7 офицери и најмалку 4 протестанти. Осум протестанти биле уапсени за поттикнување на насилство. Судењето мнозина го сметале за нефер и резултирало со извршување на смртна казна за седум од осумте мажи.
Последните зборови на Август Шпис, еден од осудените, станале химна: „Ќе дојде времето кога нашата тишина ќе биде помоќна од гласовите кои денес ги задушувате.”
Во 1889 година, на Меѓународниот работнички конгрес во Париз, делегатите одлучиле да организираат „голема меѓународна демонстрација” во поддршка на барањата на работничката класа за осумчасовен ден. Датумот бил избран за да го одбележи штрајкот во САД кој започнал на 1 мај 1886 година. Денес, Прв мај е официјален празник во 66 земји и неофицијално е прославуван во многу повеќе. Иронично, тоа не е официјален државен празник во земјата каде настанал: во САД.
20 век: правата кои дошле со борба
По Хајмаркет, борбата за работнички права не запрела. Таа само нашла нови форми.
Советската Русија по 1917 година, колку и да е контроверзна политички, ги кодифицирала осумчасовниот работен ден, отпустот за боледување, забраната на детски труд и правото на синдикатите. Другите земји, под притисок одоздола и страв одгоре, следеле. Осумчасовниот работен ден во западните демократии не дошол затоа што работодавачите биле љубезни. Дошол затоа што работниците ги изнудиле.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) е основана во 1919 година, по Првата светска војна, со премисата дека траен мир е невозможен без социјална правда. Нејзините конвенции поставиле меѓународни стандарди: право на здружување, колективно преговарање, забрана на принудна работа. Хартија пишана во мирни времиња за кршење во немирни.
Денес во светот: 2,1 милијарди без договор
Бројките на МОТ за 2026 година се тешки. Речиси 300 милиони работници продолжуваат да живеат во екстремна работна сиромаштија, а 2,1 милијарди работници остануваат во неформална работа, честопати без пристап до основни права, социјална заштита или сигурност на приходот.
Повеќе од 2,1 милијарди од 3,6 милијарди работници во светот, или приближно 60 отсто, работат во неформалната економија. Работат привремено, за ниски примања, честопати во опасни услови и без законски права, безбедност на работното место или социјална заштита, вклучително и боледување, медицинско или инвалидско осигурување, надоместок за невработеност или пензија.
Директорот на МОТ Жилбер Унгбо ова го сумирал директно: „Стабилниот пораст и стабилните бројки за невработеност не смеат да не одвратат од подлабоката реалност: стотици милиони работници остануваат заробени во сиромаштија, неформалност и исклученост.”
Новата претставeна закана е платформската економија. Работниците мора да ги покриваат трошоците за опрема, гориво, осигурување и прекини. Нивните работни часови се нередовни и диктирани од нарачки по барање, барајќи константна достапност. Нивните приходи варираат секојдневно и честопати паѓаат под минималната плата откако ќе се одбијат трошоците. Алгоритмите на платформата ги поставуваат условите еднострано и нетранспарентно, оставајќи ги работниците неспособни да ги оспорат автоматизираните одлуки за плата, пристап до работа или деактивација.
Глобалниот јаз во работни места, кој ги опфаќа луѓето кои сакаат платена работа но не можат да ја добијат, се проектира да достигне 408 милиони луѓе во 2026 година.
Вештачката интелигенција: новото поглавје на старото прашање
Работничките права денес добиваат нова димензија na која Август Шпис не можел да смета. Усвојувањето на вештачката интелигенција може да влијае врз растот на вработеноста, работната сиромаштија, реалните плати и неформалноста, особено за младите луѓе кои влегуваат во високо квалификувани занимања. Како резултат, многу компании го одложуваат вработувањето додека ги оценуваат ефектите на ВИ врз операциите и потребните вештини.
Историјата е позната: секоја технолошка револуција создавала нови форми на прекаризација пред работниците да ги освојат новите права. Паровата машина. Монтажната лента. Компјутерот. Сега алгоритмот. Секој пат, истото прашање: кој ја поседува добивката од зголемената продуктивност?
Македонија: познати проблеми, бавни решенија
Во Македонија, Први мај 2026 се одбележува со специфична тежина. Шест дена пред празникот, на 24 април, на градилиште во Кисела Вода загина 34-годишен работник кога ископот без заштита се урна. Трет работник смртно настрадан на работно место оваа година.
Состојбата е добро документирана. Само во 2025 година биле евидентирани 242 несреќи при работа, 12 со смртен исход. За пет години, над 1.180 повредени и најмалку 161 загинати работници. Државниот инспекторат за труд потврдиува дека неформалното вработување во земјата изнесува 13,5 отсто, а прекршувањата се најзастапени во градежништвото.
Паралелно, реалните плати стагнираат. Просечната нето-плата во јануари 2026 изнесувала 756 евра, а инфлацијата во април достигнала 4,9 отсто. Куповната моќ, измерена реално, не расте. Работникот добива повеќе денари. Тие денари купуваат речиси исто.
Проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија”, финансиран од ЕУ и спроведуван од МОТ до октомври 2028 година, има за цел да ја модернизира трудовата инспекција и да воспостави национален информациски систем за безбедност при работа. Документите постојат. Роковите се поставени. Работникот на градилиштето во Кисела Вода не дочека.
Осум часа тогаш, достоинство денес
Работниците во Чикаго во 1886 година барале само да не работат повеќе од осум часа на ден. Биле убивани за тоа.
Ние тие осум часа ги имаме. Но битката за достоинствен труд не завршила со осумчасовниот работен ден. Продолжила со правото на синдикат. Со забраната на детски труд. Со платеното боледување. Со мајчинското породилно отсуство. И денес продолжува со прашањата кои ги поставува МОТ: дали работникот има договор, дали има заштита, дали заработува доволно да живее.
„Стабилниот раст и стабилните бројки за невработеност не смеат да нè одвратат од подлабоката реалност”, вели МОТ. Тоа е реченица напишана за целиот свет, но применлива и за Македонија.
Прв мај не е ден за одмор. Прв мај е ден за сеќавање. ЗА тоа дека правата не се дадени. Дека се освоени. И дека може да се изгубат.