Протестите во Приштина продолжија по пресудите во Хаг: извици и пиротехника на главниот плоштад

Поддржувачи на поранешните команданти на ОВК повторно се собраа во центарот на Приштина, додека полицијата ги засили безбедносните мерки околу владините институции
epa13243387 Supporters gather to show solidarity with former Kosovo Liberation Army (KLA) leaders following the verdict in their trial, in Pristina, Kosovo, 16 September 2026. The Kosovo Specialist Chambers in The Hague, Netherlands, sentenced Hashim Thaci, Kadri Veseli, Rexhep Selimi, and Jakup Krasniqi to long prison terms on ten counts of war crimes and crimes against humanity committed during the 1998–1999 Kosovo War. EPA/ARBEN LLAPASHTICA

Протестите во Приштина продолжија и синоќа, по првостепената пресуда во Хаг против поранешните високи команданти на ОВК. На главниот плоштад се собраа демонстранти со албански знамиња и знамиња на ОВК, а за време на протестот се слушаа навредливи извици, беа активирани пиротехнички средства и беа упатувани пораки кон политичките противници и Србите.

Нов собир во центарот на Приштина

На демонстрациите присуствувале голем број поддржувачи на поранешните команданти на ОВК, кои протестираат поради пресудите изречени од Косовските специјализирани совети во Хаг. Во толпата се слушале извици „Смрт за предавниците, слобода за ослободителите“, додека на плоштадот биле истакнати албански знамиња и знамиња на ОВК.

На собирот се обратил и Насим Харадинај, поранешен заменик-претседател на Организацијата на ветерани на ОВК. Тој ги повикал демонстрантите да продолжат со притисокот и побарал пратениците во Собранието на Косово да расправаат за пресудата на пленарна седница. На протестот се приклучиле и функционери и пратеници од Демократската партија на Косово и од Алијансата за иднината на Косово.

Полицијата со засилено присуство

Полицијата продолжува да ги обезбедува владините згради во центарот на Приштина со засилени сили. Протестите во текот на денот претходно ескалирале и во други инциденти. Група демонстранти незадоволни од пресудите фрлала камења кон зградата на Владата на Косово, при што биле искршени прозорци.

По протестот во Приштина, демонстранти се упатиле и кон објектот на ЕУЛЕКС во Косово Поле, каде што според извештаите биле фрлани камења и шишиња, а едно лице било уапсено.

Четворицата поранешни команданти добија затворски казни

На 16 септември Косовските специјализирани совети во Хаг ја објавија првостепената пресуда против Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Тачи и Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Весељи на 18, а Селими на 13 години. Во казните е засметано и времето поминато во притвор.

Судскиот совет ги прогласи четворицата за кривично одговорни за воените злосторства на незаконско и произволно апсење и притворање на најмалку 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, тортура врз најмалку 303 лица и убиство на 96 лица. Истовремено, тие беа ослободени од обвиненијата за шест точки поврзани со злосторства против човештвото, бидејќи обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомнение дека станувало збор за широко распространет или систематски напад врз цивилното население.

Пресудата е првостепена и страните имаат право на жалба.


е-Трн да боцка во твојот инбокс