„Не сме против вас, камењата се за Рама“: Младите во Тирана синоќа влегоа во клинч со полицијата

Четвртата ноќ на студентски гнев во Албанија донесе десетици повредени, солзавец на булеварите и јасна порака дека младите не се повлекуваат.
Фото: Screenshot, Euronews

Четвртиот ден од студентските протести во Албанија заврши со драматична ескалација, судири меѓу младите и специјалните полициски сили на булеварот „Маченици на нацијата“ во Тирана, како и десетици приведени во неколку градови. Додека плоштадите беа преплавени со солзавец, а водените топови се обидуваа да ги разбијат демонстрантите, премиерот Еди Рама порача дека нема да прави отстапки и одби да поднесе оставка пред, како што рече, обидите за насилство.

Тензиите што со денови тлеат на улиците на албанските градови синоќа го достигнаа својот врв токму пред седиштето на Владата во Тирана. Повеќе од четири часа специјалните полициски единици држеа барикади на булеварот, користејќи водени топови и солзавец за да ги потиснат демонстрантите кон реката Лана и поранешниот хотел „Дајти“. Младите, од кои многумина носеа гас-маски за да издржат пред хемиските средства, возвраќаа со камења и пиротехника, но и со директни пораки до полицајците дека нивниот револт не е насочен кон униформите, туку кон корупцијата и власта на Рама.

„Не сме против вас, камењата се за Еди Рама“, му довикна маскиран демонстрант на еден од полициските службеници за време на кусиот прекин на судирите, што стана симбол на синоќешниот отпор.

Министерот за внатрешни работи Ервин Демо соопшти дека за четири дена се повредени вкупно 156 лица, од кои 97 се полицајци, 45 демонстранти, а 12 се случајни минувачи. Во Универзитетскиот болнички центар во Тирана синоќа беа примени 11 повредени лица, меѓу кои и тројца малолетници. Народниот правобранител алармираше за прекумерна употреба на сила, наведувајќи дека при посетата на 214 приведени лица, кај барем 26 се евидентирани траги на физичко насилство, додека дел од малолетниците биле испрашувани без присуство на психолог.

Полицијата досега има уапсено 127 лица само во Тирана, а за над 240 се водат кривични постапки. Двајца полициски службеници се суспендирани поради пречекорување на овластувањата откако на социјалните мрежи се појавија снимки од брутално постапување.

И покрај масовноста и засилениот притисок, албанскиот премиер одбива каков било компромис. Рама ги обвини опозициските структури дека стојат зад инцидентите и дека ги користат младите како инструмент за дестабилизација токму во моменти кога земјата напредува во евроинтеграциите. Од друга страна, пратеничката од неговата сопствена Социјалистичка партија, Елиса Спиропали, испрати отворено писмо барајќи политичко решение и порачувајќи му на премиерот дека новите избори и политичката ротација не смеат да бидат табу тема.

Студентскиот револт, кој се надоврза на повеќемесечните протести против социјалната криза и спорните крајбрежни проекти, се прошири и во Валона, Корча, Лежа и Елбасан. Во Валона полицијата интервенираше по обидот на демонстрантите да го урнат ѕидот на градилиштето за Еврејскиот музеј, додека во Лежа и Корча средношколците масовно ја бојкотираа наставата, блокирајќи сообраќајници и оштетувајќи општински објекти.


Оваа нова ерупција на незадоволство во Албанија ги отсликува длабоките социјални расцепи со кои се соочуваат младите низ целиот регион. Сиромаштијата, високите трошоци за живот, недостигот на студентски стандард и чувството дека институциите служат само на бизнис елитите се заеднички именител за младите генерации на Балканот. За сабота е најавен уште помасовен собир во Тирана, што покажува дека уличниот притисок нема брзо да стивне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс