Викенд хороскоп за преживување: Како да не се скарате со сите уште во сабота

Краток водич низ урбаниот хаос, семејните ручеци и празните ветувања за викенд одмор кои паѓаат во вода уште на првото утринско кафе.

Викендот пристигна со добро познатата илузија дека два дена пауза се доволни за ресетирање на сите наталожени нервози од работната недела. Наместо мир, ѕвездениот распоред носи соочување со преполни кафулиња, семејни дипломатски кризи и класични замки за трошење пари. Овој викенд хороскопot открива кој ќе успее да го зачува личниот мир, а кој ќе иницира драма уште пред пладне во сабота.

Овните тргнуваат во саботата со агресивен план да завршат десет обврски за три часа, што директно ги фрустрира сите околу нив. Најдобро решение за нив е физичка активност подалеку од гужви, бидејќи секој обид за муабет во кафуле лесно преминува во предавање. Лавовите ќе се најдат навредени ако некој од друштвото доцни десет минути на договорениот ручек. Стрелците, пак, ветуваат присуство на три различни настани во исто време, за на крајот да се исклучат од мрежа и да останат дома.

Биковите одбиваат да станат од кревет пред пладне и демонстративно го одбиваат секој предлог за пешачење. Девиците викендот го користат за детално скенирање на туѓите грешки во организацијата, почнувајќи од лошо избран ресторан до погрешно спакувана торба за патување. Јарците и во недела проверуваат службен маил, покажувајќи целосна неспособност за исклучување од работните обврски, дури и кога околината директно бара внимание од нив.

Близнаците ќе потрошат два часа на телефон анализирајќи туѓи пораки, за потоа да се пожалат дека викендот им поминал пребрзо. Вагите прават прецизен план за балансиран одмор, но се распаѓаат на првото прашање каде точно да се оди на кафе. Водолиите иницираат социјални експерименти, повикуваат луѓе што меѓусебно не се поднесуваат на иста маса и потоа љубопитно го набљудуваат развојот на конфликтот.


Раковите се повлекуваат во својата оклопна зона уште во сабота навечер ако некој заборавил да ги праша како се чувствуваат по напорната недела. Скорпиите водат тајна евиденција за тоа кој кого прескокнал во поздравувањето на улица и планираат суптилна одмазда за следната среда. Рибите се губат во сопствените мисли додека нарачуваат храна, плаќаат повеќе отколку што треба и на крајот заклучуваат дека универзумот повторно тестира нивното трпение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс