Организирани колони со автобуси и автомобили од Лика утринава пристигнуваат во Загреб на масовниот протест „Оди за Лика, оди за Хрватска“ поради илјадниците тони нелегално депониран опасен отпад во Госпиќ. Протестниот марш започнува од плоштадот „Крал Томислав“ и завршува на централниот плоштад „Бан Јосип Јелачиќ“. Организаторите нагласија дека протестот за Лика останува исклучиво граѓански и дека на политичарите нема да им биде дозволено да застанат зад микрофонот.
Движењето на демонстрантите е планирано по рутата од Плоштадот крал Томислав, преку Штросмаеровиот плоштад и Зрињевац, па низ Прашка улица сè до плоштадот Бан Јосип Јелачиќ, каде што е централното обраќање. Според најавите на Граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“, само од Лика тргнаа седум организирани автобуси, покрај стотиците граѓани со сопствен превоз.
Полицијата соопшти дека целиот настан и пристапните правци ќе бидат под аудио-визуелно снимање. Поддршка за протестот најавија жители од повеќе градови, предупредувајќи дека неконтролираното складирање отпад во карстните подрачја директно ги загрозува подземните води и природата на целата земја.
Иако повеќе опозициски пратеници и партии најавија поддршка и присуство, координативниот одбор остана на ставот дека партиски говори нема да има.
Секој функционер или политичар може да чекори во колоната исклучиво во својство на обичен граѓанин. Организаторите потенцираат дека целта е да се спречи политичко присвојување на граѓанскиот револт, оставајќи го гласот за оние чие секојдневие е директно загрозено.
Барањата упатени до властите се децидни: итно и целосно отстранување на депонираниот отпад од Госпиќ, независно испитување на почвата и водата, како и истрага за одговорноста на инспекциските служби. Граѓаните инсистираат трошоците да не паднат на грбот на јавниот буџет, туку врз компанијата и поединците инволвирани во складирањето на токсичните материи.