Жителите на Нашице денеска излегоа на плоштадот „Фрањо Туѓман“ на протест против најавата за горење отпад од Госпиќ во локалната цементарница на компанијата „Нексе“. Со пораки „Стоп за труењето на нашичкиот воздух“ и „Сакаме да спиеме со отворени прозорци“, насобраните побараа итно запирање на договорениот транспорт. Ова следува откако властите претходно одлучија сметот од дивата депонија во Лика да се пренасочи во погоните во Славонија и Истра.
Организаторот на собирот, Бранислав Вукобратовиќ, најави дека жителите нема да дозволат да се загрози нивното здравје. Доколку институциите не ја повлечат одлуката, дел од граѓаните најавуваат и физичко запирање на камионите што ќе го носат отпадот.
„Сакаме ова илегално ѓубре да се врати таму од каде што е донесено. Не го сакаме тој смет, не само во Нашице и во Коромачно, туку никаде во земјата. Оние што го донесоа и што потпишаа дозволи мора да одговараат“, порача Вукобратовиќ пред насобраните граѓани.
Според организаторите, на првиот јавен повик за санација на отпадот од Госпиќ не се пријавила ниту една цементарница, по што целиот процес им бил директно доделен на две фабрики без втор тендер. Од Владата бараат увид во целосната документација, анализите за емисиите и прецизните количини што треба да пристигнат во нивниот град.
По завршувањето на протестот се огласи и градоначалникот на Нашице, Крешимир Кашуба. Тој изјави дека фабриката работи според пропишаните еколошки стандарди, но додаде оти сè уште нема официјален датум кога ѓубрето би пристигнало.
„Ниту мене, ниту на управата на компанијата не ни паѓа на памет да дозволиме загрозување на здравјето на граѓаните. Барам целосни гаранции и контрола врз секоја пратка, вклучително и земање мостри на терен“, рече Кашуба.
Кашуба истовремено порача дека го поддржува правото на собир, но не и радикализација преку физички блокади или користење на случајот за партиска промоција.