Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Во споредба со јули минатата година, просечната нето-плата е повисока за 7,1 отсто, но во споредба со јуни зголемувањето е само 118 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во јули 2026 година изнесувала 48.499 денари, објави Државниот завод за статистика.

Во споредба со јули минатата година, просечната нето-плата е повисока за 7,1 отсто. Најголем годишен раст е регистриран во финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде што платите се зголемиле за 10,7 отсто.

Следуваат секторот снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината, со раст од 10,4 отсто, како и дејностите во врска со недвижен имот, каде што просечната нето-плата се зголемила за 9,6 отсто.

Во однос на јуни 2026 година, најголемо зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности – за 4,3 отсто. Во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли платите пораснале за 3,2 отсто, а во градежништвото за 2,3 отсто.

Просечната нето-плата во јуни изнесуваше 48.381 денар, што значи дека во јули номинално се зголемила за 118 денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс