Лицата постари од 15 години во Европската унија во просек се очекува да работат 37,5 години, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. Во споредба со 2024 година, кога просечниот работен век изнесувал 37,2 години, има мало зголемување, а од 2016 година овој показател е зголемен за 2,3 години – од 35,2 на 37,5 години.
Сепак, просечниот работен век значително се разликува меѓу земјите членки на ЕУ. Најдолг работен век имаат граѓаните на Холандија, каде што се очекува лицата да работат во просек 44 години. Следуваат Шведска со 43,4 години, Данска со 42,6 години, Естонија со 41,5, Ирска со 40,7, Германија со 40,2 и Финска со 40,1 години.
На спротивниот крај се Романија со просечен работен век од 32,7 години, Италија со 33 години и Бугарија со 34,6 години.
Разликите се забележливи и според полот. Во ЕУ, мажите се очекува да работат просечно 39,5 години, додека жените 35,4 години. Кај мажите најдолг работен век имаат Холандија со 45,9 години, Шведска и Данска со по 44,5 години и Ирска со 43,4 години. Најкраток работен век за мажите е регистриран во Бугарија со 35,9 години, Романија со 36 години и Хрватска со 36,3 години.
Кај жените најдолг работен век имаат Шведска со 42,3 години, Холандија со 41,9 и Естонија со 41,8 години. Најкраток е во Италија со 28,4 години, Романија со 29,1 и Грција со 31,8 години.
Земјите од регионот се под европскиот просек. Во Србија просечниот работен век изнесува 35,5 години, во Хрватска 35,1 година, додека во Северна Македонија граѓаните во просек работат само 31,8 години. Податоците за Босна и Херцеговина и Црна Гора не се достапни.
Најблиску до европскиот просек во регионот е Словенија, каде што просечниот работен век изнесува 37,2 години.
Меѓу земјите со просечен работен век од околу 35 години се и Белгија со 35,7 години, Грција со 35,3 и Полска со 35,9 години.