Додека светот бара нови начини за справување со сè почестите топлотни бранови, јапонските инженери претставија необично решение – „фрижидер за луѓе“, специјално дизајнирана кабина која за неколку минути ја намалува телесната температура и помага во спречување на топлотен удар.
Уредот, наречен Do Hiemon Box, е развиен од јапонската компанија SDRS, а на пазарот го дистрибуира Trusco Nakayama. Кабината изгледа како голем автомат за пијалаци, но наместо производи, во неа се лади човекот. Внатрешната температура е околу 15 Целзиусови степени, додека кон главата, вратот, рамениците и грбот се насочува воздух разладен на околу 5 степени, што овозможува брзо разладување на организмот.
Производителите наведуваат дека по околу пет минути престој корисникот чувствува значително олеснување, а десетминутен престој може да помогне при симптоми на топлотна исцрпеност. Кабината нуди три различни режими на ладење и автоматски се исклучува по 20 минути за да се избегне прекумерно разладување. Покрај тоа, троши приближно двојно помалку електрична енергија од класичен мобилен клима-уред и може да се користи и во затворен и на отворен простор.
Уредот е првенствено наменет за градилишта, фабрики, магацини и други работни средини каде што луѓето се изложени на високи температури, но веќе е поставен и на неколку јавни локации во Јапонија, каде што граѓаните можат бесплатно да го користат за разладување.
Цената на „фрижидерот за луѓе“ изнесува околу 1,5 милиони јени, односно нешто повеќе од 8.000 евра без данок. Поради високата цена, засега најголем интерес покажуваат компаниите и институциите, а не индивидуалните купувачи.
Развојот на вакви технологии доаѓа во период кога Јапонија се соочува со сè поекстремни летни температури и зголемен број случаи на топлотен удар, што ги поттикнува властите и компаниите да бараат нови начини за заштита на населението.