Финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, кое Шпанците го добија со 1:0 по продолженија, покрај историската титула, ќе остане запаметено и по исклучително грубата игра на аргентинската репрезентација.
Уште од почетокот на натпреварот имаше повеќе остри стартови, што предизвика незадоволство кај шпанската клупа и дополнително ја зголеми тензијата на теренот. Кулминацијата следуваше по последниот свиреж, кога избувна и тепачка меѓу фудбалерите.
Првиот контроверзен момент беше грубиот старт на Алексис Мекалистер врз Дани Олмо, за кој словенечкиот судија Славко Винчиќ не покажа жолт картон. Само неколку минути подоцна, Николас Таљафико двапати остро стартуваше врз Ламин Јамал, што предизвика бурни реакции кај двата стручни штаба. Во еден момент и четвртиот судија мораше да влезе на теренот за да ја смири ситуацијата.
Жестоката игра на Аргентина предизвика и емотивна реакција кај шпанскиот коментатор Пако Гонзалес од радиото Cadena COPE.
„Ако во една акција можат да направат три прекршоци, ќе ги направат. Кај нив сè поминува. Тие се свињи. Валкани играчи, насилници. Не можам да ги поднесам“, изјави Гонзалес за време на преносот.
Неговите зборови брзо се проширија на социјалните мрежи и предизвикаа бројни реакции, дополнително поттикнати од инцидентите што се случија по завршувањето на натпреварот, кога дојде до физичка пресметка меѓу дел од фудбалерите на двете репрезентации.