Битола деновиве е домаќин на шестото издание на меѓународниот музички камп „Етно Македонија“, каде млади музичари од девет земји заеднички ја истражуваат и оживуваат традиционалната музика преку непосредно учење и музицирање.
Концептот на кампот е единствен. Секој учесник носи по една песна или мелодија од својата земја, која потоа ја пренесува на останатите без ноти – преку слушање, повторување и заедничка изведба. На тој начин младите за само неколку дена учат нови јазици, ритми и музички традиции, откривајќи ги приказните што ги носат песните – за љубовта, животот, разделбите, прославите и културното наследство.
Работилниците се исполнети со интензивна работа, но и со многу дружење, љубопитност и размена на искуства. Музиката продолжува и по официјалните проби, кога учесниците спонтано ги земаат инструментите и продолжуваат да учат едни од други.
Резултатот од оваа креативна соработка публиката ќе може да го проследи на 23 јули со почеток во 21 часот во Офицерскиот дом во Битола, каде ќе се одржи завршниот концерт во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
На сцената ќе настапат млади музичари од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Турција, Белгија, Португалија, Шведска и Шпанија, изведувајќи концертна програма создадена за време на кампот од традиционални песни и мелодии од нивните земји.
„Етно Македонија“ е во организација на Музичка младина на Македонија и претставува дел од глобалната програма Ethno на JM International, која се реализира во повеќе од 45 земји. Главната идеја е младите да се поврзуваат преку музиката, разменувајќи не само мелодии, туку и култури, јазици и традиции.
Влезот за концертот е слободен.