Промоција на книгата „Надежта постои, но не за нас“ од Мирослав Грчев

„Надежта постои, но не за нас“ е петта книга на авторот во едицијата „Градот“ на книгоиздателството Темплум

Во вторник, 26 мај, во 20 часот во центарот Јадро ќе се одржи промоција на книгата „Надежта постои, но не за нас“ од Мирослав Грчев. Промотор ќе биде Бојан Иванов.

„Надежта постои, но не за нас“ е петта книга на авторот во едицијата „Градот“ на книгоиздателството Темплум. Првата книга текстови на Грчев објавувани во Слободен печат е издадена 2014 во под наслов „Името на злото“; „Фашизам во куси панталони“ излезе 2017; „Пирови победи на патот за Европа“ 2020 година; „Креативниот демон на глупоста“ во 2023 година.

Мирослав Грчев (1955) е редовен професор по урбанизам во пензија, на Архитектонскот факултет во Скопје. Посветено се бавел со карикатура, анимиран филм, графички дизајн, архитектура, урбанизам и теорија на урбаната форма. За градот пишува повеќе од три децении, а од раните 2000 пишува куси критички есеи за македонското опустошено општество и за удолниот релјеф на современите светски историски тенденции.

На првата страница на најновата книга Мирослав Грчев пишува:

Незабележливоста на глобалниот тоталитаризам се должи на неговата сеприсутност, на моќната повеќедецениска пропаганда што го претвори во нормалност, во единствена стварност, во вечна состојба во која „слободниот свет“ е безалтернативно нурнат. Оваа банална присутност е како перде фрлено преку очите на свеста, та фашизмот не се забележува и таму каде што вулгарно ги разоткрива од под „демократското“ здолниште своите обраснати чепунки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс