Search

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од поетесата Биљана Стојановска во Охрид

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска ќе се одржи в сабота (13 јули), во кафе-бар „Ликвид“ во Охрид со почеток во 19:30 часот

Ова е трета поетска збирка на авторката, а прва во издание на „Чудна шума“.

Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески.

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска.

„Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена“ – вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“.

Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“).

Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Најново

Последни колумни