Владата на денешната 195 седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Општина Гостивар во рок од 30 дена, информираше владината прес служба.
„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок.
Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем.
Дополнително, очекуваме ЈО да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, одговорност мора да има за секој еден што го ставил во ризик здравјето и животите на гостиварчани“ велат од Владата.
Изминатиот период повеќе од 3000 лица од Гостивар побарале медицинска помош поради здравствени проблеми предизвикани од водата од градскиот водовод а ОЈО веќе оформи предмет каде има три осомничени лица.