Search

Проблематичниот изговор на некои гласови влијае врз самодовербата кај младите

Артикулацијата, или изговорот, е важен аспект од комуникацијата што се однесува на начинот на кој ги произведуваме звуците при говорење. Кога младите имаат проблеми со артикулацијата на одредени гласови, тоа може да влијае на нивната способност да комуницираат ефективно со другите и да го изразат своето мислење и потреби. Овие проблеми можат да имаат големо влијание врз самодовербата на младите, нивните социјални интеракции и општествената прифатеност.

Проблемите со артикулацијата можат да се однесуваат на неправилно изговорени гласови, недостаток на контрола на артикулаторните органи или слаба мускулна координација. Овие проблеми можат да резултираат со неправилно изговарање или недостиг во изговорот на одредени гласови. Кога младите имаат проблеми со артикулацијата, може да се почувствуваат фрустрирани и несигурни во комуникацијата со другите. Ова може да ги ограничи во интеракциите со партнерот, семејството, врсниците, како и во нивниот општествен и академски напредок. Младите луѓе со проблеми во артикулацијата можат да се соочат со различни предизвици во социјални ситуации. Некои се срамат или се откажуваат од ситуации каде треба јавно да говорат бидејќи се плашат од осудување. Ова може да доведе до избегнување на комуникација и социјална изолација, што пак има негативни последици врз развојот на социјалните вештини и градењето на здрави меѓучовечки односи. Од друга страна, овие предизвици можат да предизвикаат тие да се чувствуваат незадоволни од себе и својата комуникациска способност, што пак влијание и на севкупниот напредок, бидејќи комуникацијата е важна во учењето и интеракцијата со наставниците.


Иако проблемите со артикулацијата можат да предизвикаат намалена самодоверба, постојат практични стратегии и начини за помош на младите да ги подобрат своите артикулаторни вештини и самодоверба.

Еве неколку предлози:

  1. Рана интервенција: Раната интервенција од страна на логопед е многу важна. Кога ќе се приметат проблеми со артикулација, колку порано се почне со терапија, толку поголеми се шансите за успешно надминување на проблемот и подобрување на самодовербата.
  2. Индивидуална поддршка: Индивидуалната терапија со логопед може да помогне во развојот на специфични артикулаторни вештини и подобрување на изговорот на одредени гласови.
  3. Поддршка од страна на семејството и блиските: Важно е да се создаде средина во која младите ќе се чувствуваат сигурни да вежбаат и да ги подобрат своите артикулаторни вештини. Родителите и блиските треба да им нудат пофалби и поддршка што ќе им помогне да  изградат самодоверба и да ја преземат контролата врз своите вештини.


Како што кажавме проблемите со артикулацијата можат да имаат значајно влијание врз самодовербата. Сепак, со соодветна терапија, поддршка и позитивни стратегии, младите можат да ги подобрат своите артикулаторни и комуникациски вештини и да ја зголемат својата самодоверба. Воведувањето на промени во начинот на комуникација и односот кон проблемот може да им помогне да се развиваат во секој аспект и да ги совладуваат предизвиците со самодоверба. Заедно можеме да создадеме околина во која младите ќе се чувствуваат сигурни и поддржани во развојот на своите комуникациски вештини.

Авторката е логопед во Центарот за психофизичко здравје Гаспар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни